Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
 
 
Одлуки на Врховниот Суд на Р.М.

12.01.2010    ПСРР.бр.11/2009
 
ПСРР.бр.11/2009


ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од судиите: Мирјана Андреева - претседател на советот, Зирап Лимани и Стефка Ристеска - членови на советот, одлучувајки по барањето на И.К. од П., за заштита на правото на судење во разумен рок, во постапка по предметот И.бр.1137/96 на Основниот суд Прилеп, на седницата одржана на ден 12.01.2010 година, согласно член 35, член 36 и член 36-а од Законот за судовите (“Службен весник на РМ“бр.58/06 и 35/08), донесе:




Р Е Ш Е Н И Е



Барањето на И.К.од П., за заштита на правото на судење во разумен рок, во постапка по предметот И.бр.1137/96 на Основниот суд Прилеп, СЕ УСВОЈУВА.

СЕ УТВРДУВА повреда на правото на судење во разумен рок, во постапката по предметот И.бр.1137/96 на Основниот суд Прилеп.

СЕ ДОСУДУВА правичен надоместок на подносителот на барањето заради повреда на правото на судење во разумен рок во износ од 40.000,00 денари, кој да се исплати во рок од 3 месеци од денот на правосилноста на ова решение, од Судскиот буџет.


О б р а з л о ж ен и е

ПОСТАПКА:

До Врховниот суд на Република Македонија на ден 16.01.2009 година, поднесено е барање од И.К.од П., за заштита на правото на судење во разумен рок согласно член 36 став 1 од Законот за судовите, а во врска со постапката по предметот И.бр.1137/96 на Основниот суд Прилеп. Истакнато е барање за правичен надоместок од 3.000 евра.

ФАКТИ:

Врховниот суд на Република Македонија, постапувајки по барањето за заштита на правото на судење во разумен рок, во смисла на
член 35 и член 36 од Законот за судовите (Службен весник на РМ број




58/06 и 35/08) и член 6 став 1 од Европската Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, со писмо од 24.02.2009 година ги побара списите по предметот И.бр.1137/96 на Основниот суд Прилеп.


ФАКТИ И ОКОЛНОСТИ:

Од списите во предметот И.бр.1137/96 на Основниот суд Прилеп, Врховниот суд на Република Македонија утврди:

На ден 01.04.1996 година до Основниот суд во Прилеп барателот како доверител поднел предлог за извршување врз основа на правосилна пресуда П.бр.64/95 од 20.07.1995 година на Основниот суд Прилеп, во која како тужитл се јавува барателот И.К.од П. против тужените Т.А., В.Т. и Д.М. Со пресудата било уважено тужбеното барање на тужителот и солидарно задолжени тужените да му исплатат 18.600,00 денари долг со законска затезна камата на овој износ од 22.12.1994 година до конечната исплата и трошоци на постапката. По поднесениот предлог бил оформен предметот И.бр.1137/96. Предлогот за извршување се однесувал за должниците Т.В. и М.Д. од Прилеп, да му исплатат солидарно 12.400,00 денари бидејќи пресудата не била правосилна за должникот А.Т. На 23 декември 1996 година доверителот И.К. доставил поднесок до Основниот суд во Прилеп со кој извршил прецизирање на предлог за извршување спрема двајцата должници за износ од 18.600,00 денари главен долг со законска камата од 22.12.1994 година до конечната исплата, како и процесни трошоци во износ од 27.280,00 денари со камата од 20.07.1995 година до исплатата. Врз основа на предлогот на 16.06.2003 година во домот на должникот В.Т. од село Р. бил направен попис и проценка на подвижните предмети - 5 крави, а во присуство на сопругата на Велко, службено лице и извршен судија, поради неплатениот долг од должникот. М.Д. и Т.Т. како трети лица поднеле приговор до Основниот суд Прилеп на 25.06.2003 година преку полномошникот адвокат В.А. од П., против извршувањето од причина што стоката која била попишана не била на должникот. Основниот суд во Прилеп со решение И.бр.1137/96 приговорот на М.Д. од село М.К. и Т.Т. од П. како трети лица го усвоил, ги упатил на парница заради прогласување на извршувањето за недопуштено, со задолжение парницата да ја поведат во рок од 30 дена по приемот на решението, за кое нешто требало да го известат судот. Извршувањето определено со решението И.бр.1137/96 од 01.04.1996 година на Основниот суд Прилеп било одложено до правосилното завршување на парничната постапка од трето лице против доверителот. Со поднесок од 12.11.2004 година доверителот го проширува предлогот за присилно извршување и против лицето А.Т. од Прилеп со оглед дека тој бил задолжен со извршниот наслов како должник. Со решение И.бр.1137/96 од 14.12.2004



година предлогот на доверителот бил уважен и било дозволено присилно извршување со забрана и пренос од парични примања на должникот Т.А. Главниот долг изнесувал 18.600,00 денари, со законска затезна камата сметано од 22.12.2004 година, трошоци по постапката 27.281,00 денари и извршни трошоци 5.070,00 денари. На 21.01.2005 година должникот А.Т. доставува поднесок до Основниот суд Прилеп поради тоа што пресудата П.бр.64/95 од 20.07.1995 година на Основниот суд Прилеп од страна на Окружниот - Апелациониот суд Битола била укината спрема него како должник спрема доверителот К.И. На 23.02.2005 година доверителот доставува поднесок до Основниот суд во Прилеп со кој бара постапката по предметот И.бр.1137/96 да продолжи према должникот Т.В. од Прилеп на начин да се наплати од месечната пензија што ја примал во износ од 5.423,00 денари на име на доверителот се до конечната исплата на извршните трошоци, каматата и главниот долг. Врз основа на предлог Основниот суд Прилеп носи решение И.бр.1137/96 од 04.04.2005 година со кое го уважува предлогот на предлагачот врз основа на правосилната пресуда П.бр.64/95 на Основниот суд Прилеп дозволува извршувањето со пленидба и пренос на парични средства од пензиските примања на должникот В.Т. пензионер од Прилеп на начин како во решението. До Основниот суд Прилеп на 12.07.2007 година доверителот доставува поднесок со кој врши повлекување на предлогот за присилно извршување поднесен против должникот Т.В. од Прилеп и предметот го дава на извршување на извршителот Т.Џ. од П. Основниот суд Прилеп носи решение И.бр.1137/96 од 12.07.2007 година со кое ја запира извршната постапка против должникот В.Т. и други од село Р. за наплата на износот од 12.400,00 денари, извршното решение на Основниот суд Прилеп го става вон сила, а спроведените извршни дејствија ги укинуваат. Извршителот Т.Џ. носи налог за извршување И.бр.668/08 од 01.07.2008 година за наплата на парично побарување во износ од 18.600,00 денари према должникот В.Т. од село Р. П. Против ваквиот извршен налог за извршување И.бр.668/08 од 01.07.2008 година должникот В.Т. од село Р. П. поднел приговор преку полномошникот Д.М. адвокат од П., по кој заменик претседателот на Основниот суд Прилеп носи решение ППНИ.бр.222/08 од 01.08.2008
година со кое се усвојува приговорот на должникот В.Т. од село Р. П., се утврдува дека е сторена неправилност во налогот за извршување И.бр.668/08 од 01.07.2008 година на извршителот Т.Џ. од П. заради застареност на наплатата на долгот по
извршната исправа П.бр.64/95 од 20.07.1995 година на тогашниот Општински суд во Прилеп и преземените извршни дејствија по налогот за







извршување И.бр.668/08 од 01.07.2008 година ги става вон сила. Против решението ППНИ.бр.222/08 од 01.08.2008 година, доверителот поднесува жалба по која Апелациониот суд во Битола носи решение ГЖ.бр.2184/08 од 27.08.2008 година, со кое жалбата на доверителот се одбива како неоснована, а решението ППНИ.бр.222/08 од 01.08.2008 година, се потврдува.

ДОПУШТЕНОСТ И ОСНОВАНОСТ:

Врховниот суд на Република Македонија, врз основа на утврдените факти, наводите во барањето, списите во предметот, најде:

Барањето за заштита на правото на судење во разумен рок е навремено, дозволено и основано.

Согласно одредбите од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, како и одредбите од Законот за судовите, Врховниот суд на Република Македонија, најде дека постои повреда на член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и член 35 и член 36 од Законот за судовите.

ПРАВО:
Според член 35 став 1 точка 6 од Законот за судовите (Службен весник на РМ бр.58/06 и бр.35/08), Врховниот суд на Република
Македонија е надлежен да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок во постапката утврдена со Закон пред судовите на Република Македонија, во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за заштита на човековите прави и основните слободи, и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Според член 36 став 1 точка 4 од истиот Закон, Врховниот суд на Република Македонија постапува по барањето кое ги исполнува
критериумите утврдени во став 2 и 3 на овој член во рок од 6 месеци од неговото поднесување, и одлучува дали понискиот суд го повредил правото на судење во разумен рок, а при тоа имајќи ги предвид правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.







Според став 1 точка 5 од истиот член, ако Врховниот суд на Република Македонија утврди повреда на правото на судење во разумен рок, со решението ќе определи рок во кој што судот пред кого постапката е во тек мора да одлучи за правото, обврската или кривичната одговорност на поднесителот на барањето, и ќе досуди правичен надоместок за подносителот на барањето заради повреда на неговото право на судење во разумен рок.

Според член 36 став 1 точка 6 од истиот, Закон правичниот надоместок паѓа на судскиот буџет и се исплатува во рок од 3 месеци од денот на правосилноста на решението на Врховниот суд.

Според член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, секој при определувањето на неговите граѓански права и обврски или кога е кривично гонет има право на правична и јавно судење во разумен рок, пред независен и непристрасен трибунал основан со Закон.

Според член 35 став 1 точка 6 од Законот за судовите ( Службен весник на РМ.бр. 58/06 и бр.35/08), Врховниот суд на Република Македонија постапува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Макдонија, во солгласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за заштита на човековите права и основнтеи слободи и тргнувајки од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Согласно член 36 став 1 точка 4 од истиот закон, Врховниот суд на Република Македонија постапува по барањето кое ги исполнува
критериумите утврдени во ставот 2 и 3 на овој член во рок од 6 месеци од неговото поднесување и одлучува дали понисиот суд го повредил правото на судење во разумен рок, а притоа имајки ги предвид правилата
и принципите утврдени со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, а особено однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.

Според член 128 од Законот, примената на овие одредби е од јануари 2007 година.

Согласно член 6 став 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, секој при определувањето на неговите граѓански права и обврски или кога е кривично гонет има право на правично и јавно судење во разумен рок пред независен и непристрасен трибунал основан со закон.

ОЦЕНКА НА СУДОТ ЗА РАЗУМНОСТА НА РОКОТ:

Врховниот суд на Република Македонија, при оценкара на разумноста на периодот на траењето на извршната постапка по



предметот ги имаше предвид следните критериуми: сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.

Постапката по предметот И.бр.1137/96 на Основниот суд Прилеп започнала со поднесување на предлогот за извршување врз основа на правосилна пресуда на ден 01.04.1996 година, а завршила со донесување на правосилно решение на Апелациониот суд во Битола ГЖ.бр.2184/08 од 27.08.2008 година и вкупно траела 12 години, 4 месеци и 27 дена, меѓутоа од ратификувањето на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи во Република Македонија, а тоа е 10.04.1997 година, постапката по предметот траела вкупно 11 години, 4 месеци и 17 дена.

ОДНЕСУВАЊЕ НА ПОДНОСИТЕЛОТ:

Судот наоѓа дека подносителот на барањето со своето однесување придонел за траењето на должината на постапката бидејќи во текот на постапката барателот како доверител на неколку наврати со поднесоци го прецизирал барањето во однос на висината на износот или го проширувал и кон други должници што допринело постапката да се одолговлекува.

ОДНЕСУВАЊЕ НА СУДОТ:

По наоѓањето на Врховниот суд на Република Македонија за времетраењето на постапката во релевантниот период од
ратификувањето на Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи 10.04.1997 година, придонес имал судот кој со своето неактивно постапување допринел за траењето на постапката од 11 години, 4 месеци и 17 дена. Судот скоро 7 години имал неактивно постапување, а имено од прецизирањето на барањето 23.09.1996 година
во однос на висината на долгот до 12.06.2003 година кога се вршел попис и проценка на подвижните предмети на должникот В.Т. во неговиот дом. Неактивноста на судот била и по донесувањето на решението од 04.04.2005 година по предметот И.бр.1137/96 со која бил уважен предлогот на доверителот према должникот В.Т. за исплата од пензијата, до 12.07.2007 година кога доверителот поднел поднесок со кој го повлекол предлогот за присилно извршување. Ова зборува дека поради неактивноста на судот во овој период доверителот бил приморан да го достави извршниот предмет на извршување кај извршителот Т.Џ. од П. Со своето неактивно постапување, судот допринел за времетраењето на постапката иако требал постапката да ја спроведе без одолговлекување во разумен рок со оглед дека се работи за извршен предмет, а за кој според законските одредби се предвидени пократки рокови и итно постапување.




СЛОЖЕНОСТ НА ПРЕДМЕТОТ:

Врховниот суд на Република Македонија утврди дека во конкретниот случај не се работи за сложен правен предмет.

ПРАВИЧЕН НАДОМЕСТОК:

При утврдувањето на висината на правичниот надоместок во износ од 40.000,00 денари, поради утврдената повреда на правото на судење во разумен рок на барателот, Врховниот суд на Република Македонија ги имаше во предвид горе наведените околности и тоа времетраењето на постапката, однесувањето на судот, однесувањето на подносителот на барањето, сложеноста на предметот, а имајќи ја предвид и економската и социјална состојба во Република Македонија.

Од наведените причини следуваше да се одлучи како во изреката на решението согласно член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и член 35 и член 36 став 4 од Законот за судовите.

Решено во Врховниот суд на Република Македонија на ден 12.01.2010 година под ПСРР.бр.11/2009.

Претседател на совет - судија
Мирјана Андреева с.р.


За точноста на отправокот - т в р д и: секретар
ПРАВНА ПОУКА: Против ова решение може да се поднесе жалба до Врховниот суд на Република Македонија во рок од 8 дена од денот на приемот на решението до советот на Врховниот суд на Република Македонија кој одлучува во втор степен против одлуката на своите совети


ДН: - на подносителот
- на Основниот суд Прилеп по правосилност на решението
- на Судскиот буџет по правосилноста на решението



СН/

Назад