Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
Одлуки на Врховниот Суд на Р.М.

04.05.2010   ПСРРГ.бр.52/2010
 
ПСРРГ.бр.52/2010

ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од судиите: Абдулаќим Саљиу - претседател на советот, Стефка Ристевска и Благој Доновски - членови на советот, одлучувајќи по барањето на подносителот Ј. З. К., поднесено преку полномошникот О. Д. од С., за заштита на правото на судење во разумен рок во постапката по предметот РО.бр. 698/07 (стар број П.бр. 1506/05) на Основниот суд Куманово и постапката по предметот РОЖ.бр. 285/09 на Апелациониот суд Скопје на седницата одржана на ден 04.05.2010 година, донесе:


Р Е Ш Е Н И Е


Барањето на подносителот Ј. З. од К., поднесено преку полномошникот О. Д. од С., за заштита на правото на судење во разумен рок, СЕ УСВОЈУВА.

СЕ УТВРДУВА повреда на правото на судење во разумен рок во постапката по предметот РО.бр. 698/07 (стар број П.бр. 1506/05) на Основниот суд Куманово и постапката по предметот РОЖ.бр. 285/09 на Апелациониот суд Скопје.

СЕ ДОСУДУВА правичен надоместок на подносителот на барањето заради повреда на правото на судење во разумен рок во износ од 30.000,00 денари кој да се исплати во рок од 3 месеци од денот на приемот на правосилното решение, од Судскиот буџет.

Барањето за трошоци по постапката СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО.


О б р а з л о ж е н и е

ПОСТАПКА:

Подносителот на барањето Ј. З. од К. на ден 25.03.2010 година, поднела барање за заштита на правото на судење во разумен рок во постапката по предметот РО.бр. 698/07 (стар број П.бр. 1506/05) на Основниот суд Куманово. Истакнато е барање за правичен надоместок во висина од 6.150.000,00 денари.


ФАКТИ:

Врховниот суд на Република Македонија, постапувајќи по барањето за заштита на правото на судење во разумен рок во смисла на член 35 и член 36 од Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр.58/06 и 35/08) и член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, од наводите истакнати во барањето и приложените списи, утврди:

На ден 01.11.2005 година, барателката поднела тужба против тужениот Друштво за производство и трговија В. М. В. ДООЕЛ К., за поништување - измена на решение по која бил оформен предметот П.бр. 1506/05 во Основниот суд Куманово.

Тужениот ја примил тужбата со докази на ден 14.04.2006 година.

Одговор на тужба изјавен е на 21.04.2006 година.

Судот закажал расправа за 25.05.2006 година на која тужителката истакала дека полномошникот на тужениот бил нејзин полномошник во друга постапка која била водена против истиот тужен. Судот донел формално решение П.бр. 1506/05 од 25.05.2006 година со кое полномошникот на тужената, адвокат Ж. С. не бил прифатен за полномошник на тужениот во оваа постапка поради судир на интереси.

Против наведеното решение, тужениот изјавил жалба на ден 23.06.2006 година.

На ден 15.11.2006 година, тужителката доставила поднесок до судот со кој го повлекла приговорот за оневозможување на застапување на тужениот од адвокат Ж. С..

Тужениот со поднесок од 05.12.2006 година ја повлекол изјавената жалба.

Со решение П.бр.1506/05 од 12.12.2006 година, судот жалбата на тужениот ја отфрлил како недозволена, а решението П.бр.1506/05 од 25.05.2006 година го ставил вон сила.

Судот закажал расправа за 05.02.2007 година на која не се јавиле странките неуредно повикани, судот констатирал дека решението П.бр. 1506/05 од 12.12.2006 година не било доставено до тужителката и расправата ја одложил со задолжение да се изврши достава на наведеното решение на тужителката.

На расправата од 05.03.2007 година, тужителката истакнала дека не се противи да адвокат Ж. С. да биде полномошник на тужената, биле дадени наводи по однос на тужбеното барање и тужениот истакнал предлог постапката да биде прекината до завршување на постапката по предметот П.бр. 647/06. Судот одлучил со формално решение да се произнесе по приговорот на тужениот.

Со поднесок на тужената насловен како приговор на записник, тужителката истакнала дека не се согласува постапката да биде прекината.

Судот донел решение П.бр. 1506/06 од 28.03.2007 година, со кое ја прекинал парничната постапка до правосилно окончување на постапката П.бр. 647/06.

Против наведеното решение, тужителката изјавила жалба на 12.06.2007 година, а на ден 13.09.2007 година доставила предлог за ослободување од плаќање на судски трошоци.

Со решение на Основниот суд Куманово П.бр. 1506/05 од 17.09.2007 година судот го одбил предлогот на тужителката за ослободување од плаќање на судски трошоци.
Одлучувајки по жалбата на тужениот, Апелациониот суд Скопје со решение РСЖ.бр.1666/07 од 07.11.2007 година го укинал решението на првостепениот суд.

На расправата од 04.01.2008 година, судот констатирал дека предметот ќе носи нов број РО.бр. 698/07, тужителката го прецизирала тужбеното барање, со кое не се согласил тужениот, тужителката повторно истакнала приговор по однос на застапувањето на тужениот од полномошникот Ж. С., па судот одлучил со формално решение да се произнесе по однос на истакнатиот приговор на тужителката и по однос на преиначувањето на тужбеното барање што било причина за одлагање на расправата за ден 04.01.2008 година.

Со решение РО.бр. 686/07 од 04.01.2008 година, судот го одбил приговорот на тужителката за оневозможување на полономошникот на тужениот за застапување во предметната постапка и го дозволил преиначувањето на тужбеното барање на тужителката.

Против наведеното решение, во одбиениот дел жалба вложила тужителката на 22.01.2008 година.

На расправата од 04.01.2008 година, судот констатирал дека не била доставена жалбата до тужениот.

Апелациониот суд Скопје Гж.бр.445/08 од 08.05.2008 година, жалбата на тужителката ја одбил како неоснована и го потврдил првостепеното решение во обжалениот дел.

На расправата од 09.07.2008 година, за тужениот не се јавил никој неуредно повикан, расправата била одложена за 10.10.2008 година.

На расправата од 10.10.2008 година, биле дадени наводи по однос на преиначеното тужбено барање, тужителката доставила докази кои биле врачени на тужениот кој пак истакнал дека неможе веднаш да се произнесе по истите и расправата била одложена со констатација дека на следната расправа ќе се изведува доказ со сослушување на тужителката.

На расправата од 31.10.2008 година биле изведени предложените докази, расправата била заклучена и било закажано рочиште за објавување на пресуда за 10.11.2008 година.

Со пресуда П.бр. 698/07 од 10.11.2008 година, тужбеното барање на тужителката било одбиено како неосновано, против кое тужителката изјавила жалба на ден 02.12.2008 година.

Жалбата била примена од полномошникот на тужениот на ден 22.12.2008 година.

Со пресуда РОЖ.бр. 285/09 од 03.09.2009 година, Апелациониот суд Скопје, жалбата на тужителката ја усвоил и првостепената пресуда ја преиначил на начин што тужбеното барање на тужителката било усвоено. Наведената пресуда примена е од страна на полномошникот на тужителката на ден 25.09.2009 година.


ДОПУШТЕНОСТ И ОСНОВАНОСТ:
Врховниот суд на Република Македонија врз основа на утврдените факти наводите во барањето и списите во предметот најде:

Барањето за заштита на правото на судење во разумен рок е навремено, дозволено и основано

Согласно одредбите од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и одредбите од Законот за судовите, Врховниот суд на Република Македонија, најде дека постои повреда на член 6 став 1 од Европската конвеција за заштита на човековите права и основните слободи и член 35 и член 36 од Законот за судовите.

ПРАВО:

Според член 35 став 1 точка 6 од Законот за судовите (“Службен весник на РМ“ бр.58/2006 и бр.35/2008), Врховниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија, во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за заштита на човекови права и основни слободи и тргнувајќи
од Судската пракса на Европскиот суд за човекови права и основните слободи.

Според член 36 став 1 точка 4 од истиот закон, Врховниот суд постапува по барањето кое ги исполнува критериумите утврдени во ставот 2 и 3 на овој член во рок од 6-шест месеци од неговото поднесување и одлучува дали пониските судови го повредиле правото на судење во разумен рок, а притоа имајќи ги во предвид правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.

Според став 1 точка 5 од истиот член, ако Врховниот суд на Република Македонија утврди повреда на правото на судење во разумен рок со решението ќе определи рок во кој што судот пред кого постапката е во тек мора да одлучи за правото, обврската или кривичната одговорност на подносителот на барањето и ќе досуди правичен надоместок за подносителот на барањето заради повреда на правото на судење во разумен рок.

Според член 36 став 1 точка 6 од истиот закон, правичниот надоместок паѓа на товар на Судскиот буџет и се исплатува во рок од 3-три месеци од денот на правосилноста на решението на Врховниот суд на Република Македонија.

Според член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, секој при определување на неговите граѓански права и обврски или кога е кривично гонет, има право на правично и јавно судење во разумен рок, пред независен и непристрасен тирбунал основан со законот.


ОЦЕНКА НА СУДОТ ЗА РАЗУМНОСТА НА РОКОТ:

Врховниот суд на Република Македонија, при оценката на разумноста на периодот на траењето на управната постапка по предметот, ги имаше предвид следните критеруми: сложеноста на предметот, однесувањето на судот и однесувањето на подносителот.

Врховниот суд на Република Македонија утврди дека парничната постапка траела вкупно 3 години и 10 месеци сметано од поднесувањето на тужбата на 01.11.2005 година, па до донесувањето на пресудата на Апелациониот суд Скопје РОЖ.бр. 285/09 од 03.09.2009 година со која станала правосилна пресудата на Основниот суд Куманово РО.бр. 698/07 од 10.11.2008 година. Во текот на постапката предметот бил три пати во жалбена постапка и биле донесени пет решенија и една пресуда на првостепениот суд и две решенија и една пресуда на второстепениот суд.

ОДНЕСУВАЊЕ НА ПОДНОСИТЕЛОТ

Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека подносителот на барањето со своето однесување допринел за одолговлекувањето на постапката. На расправата од 25.05 .2006 година, барателката истакнала предлог за оневозможување на полномошникот на тужениот да го застапува тужениот во предметната постапка поради судир на интереси, по кој судот донел решение П.бр.1506/05 од 25.05.2006 година. Со поднесок од 15.11.2006 година, барателката го повлекла ваквиот предлогот, што предизвикало судот да донесе решение П.бр. 1506/05 од 12.12.2006 година со кое било ставино вон сила решението П.бр. 1506/05 од 25.05.2006 година, за да потоа на расправата од 04.01.2008 година повторно истакне ваков приговор. Ваквото несериозно однесување на барателката во текот на постапка допринело за неоправдано одолговлекувањето на постапката во период од 8 месеци и 10 дена.

ОДНЕСУВАЊЕ НА СУДОТ:

По наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, за времетраењето на парничната постапка придонес имал и судот кој со своето постапување допринел за долгото траење на постапката. Расправите од 05.02.2007 година и 09.07.2008 биле одложени поради неуредна достава на поканите до странките, додека расправата од 04.01.2008 година била одложена бидејки судот констатирал дека жалбата на тужителката не била доставена на одговор до тужениот . Во периодот од 04.01.2008 година, па до 09.07.2008 година односно 5 месеци и 16 дена, постапката непотребно се одолговлекувала бидејки предметот бил во жалбена постапка изјавена против решението РО.бр. 698/07 од 04.01.2008 година за делот од решението со кое бил одбиен предлогот на тужителката за оневозможување на полномошникот на тужениот да го застапува во постапката, иако со член 81 став 3 од Законот за парничната постапка (Службен весноик на РМ.бр. 79/05), не е предвидено право на жалба против донесеното решение. Исто така и постапката пред Апелациониот суд Скопје допринела за одолговлекувањето на постапката бидејки од 02.12.2008 година кога била изјавена жалба против пресудата П.бр. 698/07 од 10.11.2008 година, па до донесувањето на пресудата на Апелациониот суд Скопје РОЖ.бр. 285/09 од 03.09.2009 година, на второстепениот суд му биле потребни околу 9 месеци да одлучи по изјавена жалба иако се работи за постапка за која е предвидено итно постапување.

СЛОЖЕНОСТ НА ПРЕДМЕТОТ:

Врховниот суд на Република Македонија утврди дека во конкретниот случај не се работи за сложен правен предмет.

ПРАВИЧЕН НАДОМЕСТ:

При одмерувањето на висината на правичниот надоместок во износ од 30.000,00 денари кој е досуден на подносителот на барањето, поради утврдена повреда на правото на судење во разумен рок, Врховниот суд на Република Македонија ги имаше во предвид горе наведените околности и тоа времетраењето на постапката, однесувањето на судот, однесувањето на подносителот на барањето, сложеноста на предметот, а имајќи ја во предвид и економската и социјалната состојба во Република Македонија.

Од наведените причини, следуваше да се одлучи како во изреката на решението согласно член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и член 35 и 36 став 4 од Законот за судовите.

Со барањето за заштита на правото на судење во разумен рок, барателот истакнал трошоци по постапката во износ од 15.600.000,00 денари и награда за адвокат. Со оглед да барателот не доставил докази на основа кои би го засновал своето барање односно образложен трошковник, Врховниот суд на Република Македонија го одби барањето за трошоци по постапката како неосновано, а при тоа имајки ја предвид судската пракса на Европскиот суд за човекови права,

Решено во Врховниот суд на Република Македонија на ден 04.05.2010 година под ПСРРГ.бр.52/2010.


Претседател на советот - судија
Абдулаќим Саљиу с.р.


За точноста на отправокот т в р д и - секретар
ПРАВНА ПОУКА: Незадоволната страна има право на жалба во рок од 8
дена од денот на приемот на решението до советот на Врховниот суд на
Република Македонија кој одлучува во втор степен по барањата за
заштита на правото на судење во разумен рок.


-ДН: на подносителот на барањето
на Судскиот буџет, по правосилноста на решението
на Основен суд Куманово
на Апелационен суд Скопје

ЕИ/

Назад