ПСРРГ.бр.223/2009
ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од судиите: Абдулаќим Саљиу- претседател на советот, Александар Бошњаковски и Стефка Ристеска -членови на советот, одлучувајќи по барањето на Х. П. од Б., за заштита на правото на судење во разумен рок во постапка по предметот И.бр.1826/95 на Основниот суд Битола, на седницата одржана на ден 11.05.2010 година, согласно член 35, член 36 и член 36 а од Законот за судовите ( “Службен весник на РМ број 58/06 и 35/08“), донесе:
Р Е Ш Е Н И Е
I
Барањето на барателот Х. П. од Б. за заштита на правото на судење во разумен рок во постапка по предметот И.бр.1826/95 на Основниот суд Битола, ДЕЛУМНО СЕ УСВОЈУВА.
СЕ УТВРДУВА повреда на правото на судење во разумен рок во постапката по предметот И.бр.1826/95 на Основниот суд Битола.
СЕ ЗАДОЛЖУВА Основниот суд Битола да одлучи по предметот И.бр.1826/95 во рок од 3 месеци по правосилноста на парничниот предмет П.бр.398/2006 поради кој е одложена извршната постапка.
II
Барањето на барателот Х. П. од Б. за паричен надоместок, СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО.
О б р а з л о ж е н и е
ПОСТАПКА :
До Врховниот суд на Република Македонија на ден 17.08.2009 година, поднесено е барање од Х. П. од Б., за заштита на правото на судење во разумен рок согласно член 35 и член 36 од Законот за судовите, а во врска со постапката која долго траела . Истакнат е паричен надоместок во вид на надомест на штета за судење во разумен рок во висина на парничното побарување за чија наплата се водела и извршната постапка и тоа главнина во износ од 506.634,00 денари, камата како по извршната исправа (10%) месечно од втасаноста до наплатата и трошоци сторени во текот на постапката во износ од 100.000,00 денари.
Врховниот суд на Република Македонија, постапувајќи по барањето за заштита на правото на судење во разумен рок, во смисла на член 35 и член 36 од Законот за судовите ( “Службен весник на РМ број 58/06 и 35/08“) и член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, ги прибави списите по предметот И.бр.1826/95 на Основниот суд Битола.
ФАКТИ И ОКОЛНОСТИ:
Од списите на предметот И.бр.1826/95 на Основниот суд Битола , Врховниот суд на Република Македонија утврди:
На ден 06.10.1995 година до Основниот суд Битола подносителот на барањето во својство на доверител поднел предлог за извршување против должникот А. Ц. од Б., а врз основа на судска спогодба - решение за обезбедување Впп.бр.766/94 од 10.11.1994 година на Основниот суд Битола на недвижниот имот на должникот за парично побарување на доверителот во износ од 19.264,00 ДЕМ со камата 10%. По поднесениот предлог бил оформен и заведен предметот И.бр.1826/95. На 27.12.1995 година било закажана расправа и одржана на лице место во присуство на странките и на вештото лице геометар дипломиран градежен инжињер за идентификација на недвижноста и утврдување на почетна вредност за продажба на недвижноста на заложниот должник. Основниот суд Битола донел решение И.бр.1826/95 од 30.09.1996 година со кое било утврдена вредноста за продажба на недвижноста. До судот доверителот преку полномошникот доставил поднесок да се спои предметот И.бр.1826/95 кон предметот И.бр.860/95 со оглед дека се работело за ист должник и предмет на извршување - куќа, а за која во предметот И.бр.860/95 имало извршено вештачење, а како доверител во тој предмет бил ш. ТАТ во стечај. На расправата од 22.01.1997 година во согласност со странките судот донел решение за спојување на овие две постапки. Полномошникот на доверителот до судот се обратил за забрзување на постапката по извршниот предмет. Против решението И.бр.1826/95 од 30.09.1996 година била поднесена жалба од должникот по која Апелациониот суд во Битола со решение Гж.бр.9/97 од 20.01.1998 година жалбата ја одбил како неоснована, а решението го потврдил. Полномошникот на доверителот до судот се обратил со писмено за да се забрза постапката по предметот. Расправа била одражана на 05.10.1998 година во присуство на полномошникот на доверителот, а во отсуство на должникот уредно викан. Судот донел решение за увид на лице место за 04.11.1998 година со задолжение да биде повикан должникот и вештото лице. Расправата од 04.11.1998 година во присуство на странките била одложена на неопределено време поради здравствени причини на судијата. Закажаната расправа за 02.12.1998 година била одржана во присуство на странките и вештите лица и на ова рочиште по предлог на должникот а во согласност на доверителот за склучување порамнување во врска со спроведувањето на извршувањето, судот го уважил предлогот и извршувањето било одложено по предметот И.бр.1826/95 на неопределено време. Судот донел решение за увид на лице место за да се утврди дали имало евентуално изведени градежни работи на предметната недвижност со налог вештото лице да изготвело дополнение на вештачењето и пресметка на површините во станот и другите помошни простории. На 10.05.1999 година полномошникот на доверителот доставил ургенција до судот за да се забрза постапката бидејќи не било спроведено извршувањето и да се даде приоритет во работата на предметот. На 06.10.1999 година Основниот суд Битола донел заклучок И.бр.860/95 и 1826/95 со кој била определена првата продажба со усно и јавно наддавање на недвижноста сопственост на должникот, а рочиштето за продажбата било закажано за 08.11.1999 година. На 08.11.1999 година одржано рочиштето во присуство на странките, а поради немање на купувачи за недвижноста, предлог имало за второ усно јавно наддавање. На ова рочиште доверителот ш. ТАТ во стечај приложил каматна листа изготвена спрема штедилницата на која приговале должникот и доверителот Х. поради што било определено вештачење од економист за утврдување на висината на побарувањето по двата предлога. На закажаната расправа од 30.06.2000 година во присуство на странките доверителот Х. приговарал на пресметаната камата, поради што се барало дополнение на вештачењето и расправата била одложена на неопределено време. На 01.11.2000 година судот донел заклучок за втора продажба со усно јавно наддавање на недвижноста, која била закажана за 21.11.2000 година. Расправата од 21.11.2000 година била одложена за 07.12.2000 година за изготување на заклучок за втора продажба. На 22.11.2000 година бил донесен заклучок со кој била пределена втора продажба на недвижноста со почетна вредност во наведениот износ и била закажана за 07.12.2000 година. Расправата од 07.12.2000 година била одложена за 11.01.2001 година бидејќи немало претпоставки за одржување на истата - немало уредна достава до должникот. На 16.03.2001 година судот донел заклучок за втора продажба на недвижноста закажувајќи ја продажбата за 11.04.2001 година. За закажаната расправа за 11.04.2001 година нема доказ дека истата е одржана. Расправата закажана за 23.10.2001 година била одложена за 15.10.2001 година со налог за уредна достава на должникот. Расправата од 23.10.2001 година била одложена за 15.11.2001 година, а расправата од 15.11.2001 година повторно била одложена за 04.12.2001 година поради неуредна достава на должникот. На 20.11.2001 година судот донел заклучок со кој ја определил втората продажба на недвижноста со закажување на расправа за 04.12.2001 година. Расправата од 04.12.2001 година била одложена на неопределено време, немало уредна достава за должникот поради што судот донел заклучок да се бара од подрачна единица Министерство за одбрана известување за присуството на должникот на воена вежба. На 23.01.2002 година судот донел заклучок за втора продажба со закажување на продажбата за 15.02.2002 година. Расправата од 15.02.2002 година била одржана во отсуство на должникот бидејќи имало констатација дека од судскиот доставувач должникот одбил да ја отвори вратата, а со оглед дека немало заинтересирани купувачи, доверителот Ш. ТАТ во стечај и доверителот Х. П. се јавиле како купувачи. Поради тоа што требало да се утврди колку им следува на доверителите од предметната недвижност, судот дал налог, да се прибават вонпарничните предмети. Расправата од 25.04.2003 година била одржана во присуство на странките, на самото рочиште бил извршен увид во вонпарничните предмети Впп.бр.577/94 и Впп.бр.766/94, доверителите останале на своите предлози од рочиштето од 15.02.2002 година, а должникот најавил приговор од трето лице со барање да биде одложено досудувањето на предметната недвижност. Судот ја досудил недвижноста на доверителот Ш. ТАТ во стечај која имала право на една идеална половина од куќата со најава за изготување на решение. Основниот суд Битола донел решение И.бр.860/95 и И.бр.1826/95 од 25.04.2003 година со кое предметната недвижност ја досудил на доверителот Ш. ТАТ во стечај која претставувала една половина идеален дел од куќата за цена од 2.773.758,00 денари. Против ваквото решение жалба поднел должникот на 15.03.2005 година, а жалба поднело и трето лице Верка Цветановска. Апелациониот суд Битола донел решение Гж.бр.1560/05 од 04.05.2005 година со кое под став I, жалбата на должникот ја уважил, а решението од 25.04.2003 година го укинал и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно одлучување, а под став II, жалбата од трето лице ја уважил, решението на Основниот суд Битола И.бр.860/95 и И.бр.1826/95 од 26.09.1997 година го укинал и предметот го вратил на првостепениот суд. Основниот суд Битола со решение од 07.09.2005 година под став I, третото лице В. Ц. од Б. ја упатил во рок од 30 дена да поведе спор против доверителите – Ш. ТАТ во стечај Битола, Х. П. од Б., заради прогласување дека извршувањето е недопуштено со попис и продажба врз една идеална четвртина и идеална половина од куќата изградена на КП.бр.6210 во површина од 106 м2 и двор 201 м2, а под став II, извршувањето против должникот А. Ц. во однос на една идеална четвртина од куќата со дворно место на КП.бр.6210 било одложено до решавање на постапката по тужбата на подносителот на приговорот - третото лице. На 07.09.2005 година судот донел и заклучок со кој бил определен увид на лице место на 09.11.2005 година за повторна проценка на предметната куќа, од вешто лице со налог должникот да обезбедел пристап за увид на лице место. По барње на судот од МВР за адресата на трето лице бил известен дека В. Ц. на 15.07.1998 година починала. На 08.11.2005 година до судот бил доставен приговор од З. Ц. сопруга на должникот преку полномошник. Судот донел заклучок на 23.11.2005 година со кој бил задолжен адвокатот Д. А. да приложи полномошно за третото лице – З. Ц. за поднесениот приговор во рок од 8 дена. Основниот суд Битола донел решение на 14.12.2005 година со кое извршувањето било запрено, бил упатен подносителот на приговорот - третото лице З. Ц. во рок од 30 дена да поведе спор против доверителите поради прогласување на извршувањето за недопуштено на предметната куќа, а извршувањето према должникот А. Ц. во однос на предметната недвижност во делот наведен во приговорот на третото лице било одложено до завршувањето на постапката по тужбата. Основниот суд Битола на 16.03.2006 година донел заклучок со кој била утврдена почетната вредност на недвижноста сопственост на должникот. На 29.03.2006 година полномошникот на доверителот Х. П. поднел жалба против решението и приговор против заклучокот од судот. На 24.02.2006 година полномошникот на доверителот Х. П. бара од судот да даде тек на постапката бидејќи поминале 10 месеци од решението на Апелациониот суд Битола со кое било укинато решението на првостепениот суд и 10 години од поднесувањето на предлогот за извршување. На 20.04.2006 година била закажана расправа во присуство на странките, третото лице, вештото лице со извршеното вештачење по кое немало забелешки од доверителите. Третото лице предложил да се прекине постапката до завршувањето на постапката по заведениот спор. Основниот суд Битола донел решение на 21.04.2006 година со кое се врши исправка на заклучокот од 16.03.2006 година поради сторени очигледни грешки. На 27.11.2006 година доверителот преку полномошникот бара известување од судот во врска со поднесената жалба по која немало одлука со барање судот да даде тек на постапката поради протек на време од 11 години. На 20.09.2007 година судот бара известување од граѓанската писарница дали лицето З. Ц. од Б. завела тужба против тужените Ш. ТАТ во стечај, Х. П. и А. Ц. од Б. под П.бр.398/06 и дали постапката била правосилно завршена. Во списите на предметот има доказ дека третото лице има заведена тужба против тужените Ш. ТАТ во стечај, Х. П. и А. Ц. од Б. по кој бил оформен предмет П.бр.398/06 за прогласување на извршувањето за недопуштено. Во списите на предметот нема доказ дека е донесена првостепена пресуда по парничниот предмет, а од известувањето од Апелациониот суд Битола при барањето на препис на списите по предметот произлегува дека овој предмет П.бр.398/06 е во жалбена постапка. Извршениот предмет сеуште не е завршен до поднесувањето на барањето за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд на Република Македонија на ден 17.08.2009 година.
ДОПУШТЕНОСТ И ОСНОВАНОСТ:
Врховниот суд на Република Македонија врз основа на утврдените факти, наводите во барањето, списите во предметот, најде:
Барањето за заштита на правото на судење во разумен рок е навремено, дозволено и основано.
Согласно одредбите од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи како и одредбите од Законот за судовите, Законот за извршната постапка, Врховниот суд на Република Македонија најде дека постои повреда на член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и член и член 36 од Законот за судовите.
ПРАВО:
Според член 35 став 1 точка 6 од Законот за судовите (Службен весник на РМ бр.58/06 и бр.35/08), Врховниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок во постапката утврдена со Закон пред судовите на Република Македонија, во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за заштита на човековите прави и основните слободи, и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права.
Според член 36 став 1 точка 4 од истиот Закон, Врховниот суд на Република Македонија постапува по барањето кое ги исполнува критериумите утврдени во став 2 и 3 на овој член во рок од 6 месеци од неговото поднесување, и одлучува дали понискиот суд го повредил правото на судење во разумен рок, а при тоа имајќи ги предвид правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, а особено сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.
Според став 1 точка 5 од истиот член, ако Врховниот суд на Република Македонија утврди повреда на правото на судење во разумен рок, со решението ќе определи рок во кој што судот пред кого постапката е во тек мора да одлучи за правото, обврската или кривичната одговорност на поднесителот на барањето, и ќе досуди правичен надоместок за подносителот на барањето заради повреда на неговото право на судење во разумен рок.
Според член 36 став 1 точка 6 од истиот, Закон правичниот надоместок паѓа на судскиот буџет и се исплатува во рок од 3 месеци од денот на правосилноста на решението на Врховниот суд.
Според член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, секој при определувањето на неговите граѓански права и обврски или кога е кривично гонет има право на правична и јавно судење во разумен рок, пред независен и непристрасен трибунал основан со Закон.
Согласно член 14-а од Законот за извршната постапка (“Службен весник на РМ број 53/97“) и Законот за измени и дополнувања на Законот за извршната постапка (“Службен весник на РМ број 58/00“), судот дозволува извршување само врз основа на извршна или веродостојна исправа, ако со овој закон поинаку не е определена.
Според одредбата од член 9 од наведениот закон, предвидено е дека, во постапката за извршување и обезбедување судот е должен да постапува итно. Судот е должен предметите да ги зема во работа по редот како што ги примил, освен ако природата на побарувањето или посебни околности бараат да се постапи поинаку.
ОЦЕНКА НА СУДОТ ЗА РАЗУМНОСТА НА РОКОТ:
Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека времетраењето на постапката по овој извршен предмет од поднесувањето на предлогот за извршување на ден 06.10.1995 година до Основниот суд Битола до поднесување на барањето за заштита на правото на судење во разумен рок на 17.08.2009 година бидејќи постапката сеуште не е правосилно завршена изнесува 13 години 10 месеци и 15 дена. При тоа како релевантен период кој овој суд го смета за траењето на постапката е од 10 Април 1997 година со потпишување на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи па до донесувањето на решението И.бр.860/95 и 1826/95 од 14.12.2005 година со кое извршната постапка се запира и одлага извршувањето до завршувањето на постапката по тужба од трето лице поради прогласување на извршувањето за недопуштено на предметната недвижност на должникот А. Ц., и изнесува 8 години 7 месеци и 25 дена.
Врховниот суд на Република Македонија при оценката на разумноста на периодот на траењето на парничната постапка по предметот ги имаше предвид следните критериуми: сложеноста на предметот, однесувањето на странките во постапката и однесувањето на судот кој постапувал.
ОДНЕСУВАЊЕТО НА ПОДНОСИТЕЛОТ:
Судот наоѓа дека подносителот со своето однесување не придонел за траење на должината на постапката бидејќи од самиот почеток со поднесување на предлогот за извршување на парично побарување врз основа на судска спогодба со решение за обезбедување Впп.бр.766/94 од 10.11.1994 година, останал при предлогот за извршување се до последната расправа. Барателот повеќе пати се обраќал до судот со ургенции за преземање на дејствија со цел за побрзо завршување на предметот а истовремено го искажувал и незадоволството од работењето на судот по предметот, поради неоправданото одолговлекување на постапката. Во текот на постапката биле закажани 18 расправи од кои 9 одржани а 9 одложени, а подносителот бил присутен на сите расправи и превземал дејствија во насока да извршувањето што побрзо се заврши.
ОДНЕСУВАЊЕТО НА СУДОТ :
Врховниот суд на Република Македонија наоѓа дека однесувањето на судот во овој релевантен период има придонес за должината на постапката. Иако извршувањето било одложено по барање на трети лица поради заведување на спор до правосилно завршување на парничната постапка, сепак на страна на судот има вина бидејќи расправите ги одлагал без образложени причини или поради неуредна достава на должникот, па повеќето расправи се одлагани на неодредено време. Во текот на постапката биле донесени 17 одлуки во двете судски инстанци односно 7 решенија од страна на првостепениот суд и 8 заклучоци од тој суд со кои била определена продажба со усно јавно наддавање на предметната недвижност и две решенија од страна на Апелациониот суд. Самиот факт што овој предмет сеуште не е завршен, односно извршувањето не спроведено, туку запрено и одложено, произлегува дека постапката по овој извршен предмет од 8 години 7 месеци и 25 дена предолго трае. Ова дотолку повеќе што се работи за извршување на парично побарување врз основа на судска спогодба - решение за обезбедување Впп.бр.766/94 од 10.11.1994 година а кое извршување и обезбедување го дозволува и спроведува судот. Ова пак зборува дека судот бил должен да постапува итно по извршен предмет согласно Законот бидејќи извршните одлуки се засноваат на преземање на дејствија во пократки рокови, спречување на одолговлекување на извршувањето со цел да се спроведе присилно извршување на одлуката.
СЛОЖЕНОСТ НА ПРЕДМЕТОТ :
Врховниот суд на Република Македонија утврди дека предметот е сложен, се работи за присилно извршување на судска спогодба - решение за обезбедување Впп.бр.766/94 од 10.11.1994 година на Основниот суд Битола за парично побарување на доверителот врз недвижноста на должникот, за кој предмет покрај вербалните и писмените докази имало потреба од вештачење од разни струки, дополнителни вештачења и увид на лице место. Во текот на постапката било направено спојување на два извршни предмети и тоа И.бр.1826/95 бил споен кон И.бр.860/95 по барање на барателот со оглед дека се работело за ист должник и предмет на извршувањето на иста недвижност поради што судот донел решение за спојување на овие две постапки. Во текот на постапката судот постапувал и по приговори од страна на трети лица со кои барале прекин на постапката поради заведување на спор, а во врска со предметната недвижност за извршување, поради што и судот го одложил извршувањето.
Со барањето за заштита на правото на судење во разумен рок, барателот истакна барање за надомест на штета, материјална штета во висина на парничното побарување за чија наплата се водела извршната постапка и тоа главнина во износ од 506.634,00 денари, камата како по извршната исправа (10%) месечно, од втасаноста до наплатата и трошоци сторени во текот на постапката во износ од 100.000,00 денари. Барателот не истакна барање за надомест на правичен паричен надоместок.
Согласно член 41 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, кога судот ќе оцени дека постои повреда на конвенцијата или на протоколите и доколку внатрешното право на засегнатата висока договорна страна овозможува само делумна
репарација на штета, тогаш доколку е тоа неопходно, судот ќе му додели правична оштета на оштетениот.
Врховниот суд на Република Македонија не го досуди паричниот надомест, материјална штета која е идентична со побарувањето истакнато со извршната исправа и парничното побарување по кое ќе се спроведе извршувањето, бидејќи утврди дека не постои никаква причинско -последична врска помеѓу утврдената повреда и наводната материјална штета од која причина ваквото барање за правичен надоместок го одби како неосновано.
Од напред наведените причини, следуваше да се одлучи како во изреката согласно член 36, член 35 од Законот за судовите и член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи.
Решено во Врховниот суд на Република Македонија на ден 11.05.2010 година под ПСРРГ.бр.223/2009.
Претседател на советот -судија
Абдулаќим Саљиу с.р.
За точноста на отправокот т в р д и -секретар
ПРАВНА ПОУКА - Незадоволната страна има право на жалба во рок од 8 дена од приемот на решението во Врховниот суд на Република Македонија кој одлучува во втор степен по барање за заштита на правото на судење во разумен рок.
Д.Н. - До подносителот на барањето
- До Основниот суд Битола по правосилноста на решението
- До Судскиот буџет по правосилноста на решението
ЕИ/