Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
Одлуки на Врховниот Суд на Р.М.

03.05.2010   ПСРРЖ.бр.73/2010
 
ПСРРЖ.бр.73/2010


ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од судиите: Николчо Николовски - претседател на советот, Фатон Пачуку, Д-р.Драган Тумановски, Владимир Атанасов и Мирјана Радевска Стефкова - членови на советот, во правната работа на подносителите на барањето Т. и Н. Г., двајцата од С., за заштита на правото на судење во разумен рок, одлучувајќи по жалбата изјавена од подносителите, против решението на Врховниот суд на Република Македонија ПСРРГ.бр.287/2009 од 16.03.2010 година, на седницата одржана на ден 03.05.2010 година, донесе:


Р Е Ш Е Н И Е


Жалбата СЕ УСВОЈУВА.

Решението на Врховниот суд на Република Македонија ПСРРГ.бр.287/2009 од 16.03.2010 година, СЕ УКИНУВА и предметот се враќа на повторно решавање пред првостепениот совет.


О б р а з л о ж е н и е


Врховниот суд на Република Македонија со решение ПСРРГ.бр.287/2009 од 16.03.2010 година, барањето на подносителите Т. и Н. Г., двајцата од С., за заштита на правото на судење во разумен рок, во постапката по предметот на Основниот суд Скопје II Скопје РО.бр.129/07, го отфрлил.

Против ваквото решение, подносителите вложиле жалба, преку полномошникот А. А. адвокат од С., поради погрешно утврдена фактичка состојба и погрешна примена на материјалното право, со предлог жалбата да се усвои, побиваното решение да се преиначи и усвои барањето односно да се укине и предметот да се врати на повторно решавање пред првостепениот совет.

Врховниот суд на Република Македонија по проучувањето на списите во предметот и наводите во жалбата, согласно член 36-а став 3 од Законот за изменување и дополнување на законот за судовите (“Службен Весник на РМ” број 35/2008), најде:
Жалбата е основана.

Основан е наводот во жалбата за погрешно утврдена фактичка состојба.

Имено, видно од списите во предметот, првостепениот совет утврдил дека подносителите до Основниот суд Скопје I Скопје на ден 31.12.2002 година поднеле тужба за работен спор, по која бил оформен предметот П.бр.3711/02. Првостепена пресуда судот донел на 28.11.2007 година. Подоцна предметот бил презаведен во Основниот суд Скопје II Скопје и добил нов број РО.бр.129/07. Апелациониот суд Скопје по жалба донел пресуда РСЖ.бр.1994/07 од 3.01.2008 година. Оваа пресуда подносителите ја примиле на 28.01.2008 година, па оттука пресудата РО.бр.129/07 од 28.02.2007 година станала правосилна на 03.01.2008 година. Барањето за заштита на правото на судење во разумен рок подносителите го поднеле на 07.12.2009 година. Поради сето наведено, првостепениот совет заклучил дека барателите барањето го поднеле после законскиот рок од 6 месеци.

Меѓутоа по наоѓање на овој совет, првостепениот совет погрешно ја утврдил фактичката состојба кога одлучил на наведениот начин .

Имено, првостепениот совет не ги ценел наводите во барањето по однос на извршната постапка која се водела во врска со постапката по предметот РО.бр.129/07, ако се има предвид дека се работи за постапка во која се извршува донесената одлука, па оттука да го процени и рокот на траењето на извршната постапка, за да се утврди евентуалната повреда на правото на судење во разумен рок. Првостепениот совет е должен при одлучувањето да ја цени постапката во целост, а не само конкретно работниот спор кој се водел пред судот, со оглед да не ги упатил подносителите да го уредат поднесеното барање.

При повторно решавање, првостепениот совет ќе треба да ги има предвид забелешките на овој совет, а по потреба да побара со писмо уредување на барањето од страна на подносителите, се со цел да донесе правилна и законита одлука.

Поради горенаведените причини, следуваше жалбата да се усвои на начин како што е наведено во изреката, согласно член 35 став 1 точка 1 од Законот за судовите (“Службен Весник на РМ” број 58/2006).

Решено во Врховниот суд на Република Македонија на ден 03.05.2010 година под ПСРРЖ.бр.73/2010.

Претседател на советот - Судија
Николчо Николовски с.р.

За точноста на отправокот т в р д и - секретар.



ГМ/

Назад