Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
Одлуки на Врховниот Суд на Р.М.

03.05.2010   ПСРРЖ.бр.74/2010
 
ПСРРЖ.бр.74/2010



ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од судиите: Николчо Николовски - претседател на советот, Мирјана Андреева, Владимир Атанасов, Мирјана Радевска Стефкова и Светлана Трајчовска - членови на советот, во правната работа на подносителот на барањето М. Д. од с.К. – К., за заштита на правото на судење во разумен рок, одлучувајќи по жалбата изјавена од подносителот на барањето, против решението на Врховниот суд на Република Македонија ПСРРК.бр.4/2010 од 31.03.2010 година, на седницата одржана на ден 3.05.2010 година, донесе:



Р Е Ш Е Н И Е



Жалбата СЕ УСВОЈУВА.

Решението на Врховниот суд на Република Македонија ПСРРК.бр.4/2010 од 31.03.2010 година, во делот на досудениот правичен надоместок заради повреда на правото на судење во разумен рок, СЕ ПРЕИНАЧУВА и ОДЛУЧУВА:

СЕ ДОСУДУВА правичен надоместок на подносителот на барањето заради повреда на правото на судење во разумен рок, така што покрај досудените 20.000,00 денари со првостепеното решение се досудуваат уште 45.000,00 денари или вкупно 65.000,00 денари, кои да се исплатат во рок од 3-три месеци од денот на правосилноста на ова решение од Судскиот Буџет на РМ.



О б р а з л о ж е н и е



Врховниот суд на Република Македонија со решение ПСРРК.бр.4/2010 од 31.03.2010 година, барањето на подносителот М. Д. од с.К. – К., за заштита на правото на судење во разумен рок, во постапката по предметот на Основниот суд во Куманово К.бр.295/98, го усвоил и досудил правичен надоместок во износ од 20.000,00 денари кој да се исплати во рок од 3-три месеци од денот на правосилноста на ова решение од Судскиот Буџет на РМ.

Против ваквото решение, подносителот вложил жалба, преку полномошникот Е. Ц. адокат од К., поради

погрешна примена на материјалното право при определувањето на висината на правичниот надоместок, со предлог жалбата да се усвои,
побиваното решение да се преиначи во делот на досудениот правичен надоместок на начин што ќе се определи друг правичен надоместок.

Врховниот суд на Република Македонија по проучувањето на списите во предметот и наводите во жалбата, согласно член 36-а став 3 од Законот за изменување и дополнување на законот за судовите (“Службен Весник на РМ” број 35/2008) најде:

Жалбата е основана.

Основан е наводот во жалбата за погрешна примена на материјалното право, во делот на одлуката за висината на досудениот правичен надоместок.

Имено, видно од списите во предметот, првостепениот совет утврдил дека постапката по предметот на Основниот суд во Куманово К.бр.295/98 траела 12 години, 7 месеци и 23 дена. Имено, по оформување на предметот бил закажан главен претрес на 3.12.1998 година и во текот на постапката биле закажни 24 претреси, така што до донесувањето на ослободителната првостепена пресуда на 5.10.2001 година поминале 3 години, 10 месеци и 2 дена. Апелациониот суд Скопје ја усвоил жалбата и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно судење. Првостепениот суд закажал рочиште на 19.09.2003 година, што значи после 1 година, 5 месеци и 24 дена. Биле закажни 13 рочишта кои биле одложувани поради отсуство на вештото лице, а поради необезбедно и уредно повикување и негрижа тоа да се обезбеди согласно Законот за кривична постапка. После 8 месеци, на 19.05.2005 година судот донел пресуда со која обвинетиот - барателот бил огласен за виновен и осуден на казан затвор во траење од 6 месеци. Апелациониот суд Скопје ја потврдил пресудата, меѓутоа Врховниот суд на Република Македонија на 23.04.2008 година ги укинал двете одлуки и предметот го вратил пред првостепениот суд. Основниот суд во Куманово после 4 месеци и 20 дена закажал претрес, а до донесувањето на одлуката со која барателот бил ослободен од обвинение поминале 8 месеци и 20 дена односн о на 1.06.2009 година. Барателот не допринел за траењето на постапката, а се работело за сложен правен предмет. Оттука првостепениот совет утврдил дека траењето на постапката од 12 години, 7 месеци и 23 дена е неразумно долго и најголем придонес за траењето на постапката имал судот.

Поради сето наведено, првостепениот совет заклучил дека во конкретниот случај правичниот надоместок би бил во износ од 20.000,00 денари, ако се имаат во предвид времетраењето на постапката, однесувањето на првостепениот суд, однесувањето на подносителот на барањето, сложеноста на предметот, како и економската и социјалната положба на Република Македонија.



Меѓутоа по наоѓање на овој совет, вака определениот правичен надоместок во износ од 20.000,00 денари не преставува соодветен правичен паричен надоместок, ако се имаат предвид фактите и
околностите по конкретниот предмет, како и критериумите при оценката на разумноста на траењето на постапката. Ова од причина што се работи за многу долг временски период од 12 години, 7 месеци и 23 дена во кој период првостепениот суд одлучувал неразумно долго односно не постапувал доволно активно и ажурно, на кој начин допринел за повредата на правото на судење во разумен рок предвиден во Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи. Ова уште повеќе ако се има предвид дека подносителот на барањето немал никаков придонес во одолговлекувањето на постапката.

Овој совет смета дека вака досудениот правичен надоместок во вкупен износ од 65.000,00 денари е справедлив, со оглед на околностите на конкретниот предмет, водејќи при тоа сметка за судската пракса на Европскиот суд за човекови права во предметите против Република Македонија за ваков вид предмети, времетраењето на постапката, однесувањето на првостепениот суд, однесувањето на подносителот на барањето, сложеноста на предметот, како и економската и социјалната положба на Република Македонија.

Поради горенаведените причини, следуваше жалбата да се усвои на начин како што е наведено во изреката, согласно член 35 став 1 точка 1 од Законот за судовите (“Службен Весник на РМ” број 58/2006).

Решено во Врховниот суд на Република Македонија на ден 3.05.2010 година под ПСРРЖ.бр.74/2010.


Претседател на советот - Судија
Николчо Николовски с.р.


За точноста на отправокот т в р д и - секретар.



ЈБ






Назад