ПСРРК.бр.3/2010
ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од судиите: Абдулаќим Саљиу претседател на советот, Дане Илиев Александар и Бошњаковски членови на советот, постапувајки по барањето на оштетената Б. М. од К., Р. С., за заштита на правото на судење во разумен рок поднесено преку полномошникот Г. Р., адвокат од К., за постапката по предметот К.бр. 217/96(24/94) на Основниот суд Кочани на седницата одржана на ден 27.04.2010 година, донесе :
Р Е Ш Е Н И Е
Барањето на Б. М. од К., Р. С., за заштита на правото на судење во разумен рок поднесено преку полномошникот Г. Р., адвокат од К. за постапката по предметот К.бр. 217/96(24/94) на Основниот суд Кочан, СЕ ОТФРЛА.
О б р а з л о ж ен и е
Подносителот на барањето Б. М. од К., Р. С., преку полномошникот Г. Р., адвокат од К., на ден 21.01.2010 година поднесе до Врховниот суд на Република Македонија барање за заштита на правото на судење во разумен рок. Во барањето е наведено дека е повредено правото на судење во разумен рок на постапката по предметот К.бр. 217/96(24/94) која била водена за исправка на правосилната пресуда К.бр. 24/94 од 16.12.1994 година на Окружниот суд Штип, во делот на одлуката за трошоците за кривичната постапка.
Врховниот суд на Република Македонија, по проучување на барањето за заштита на правото на судење во разумен рок во смисла на член 36 од Законот за судовите (Службен весник на Република Македонија број 58/06 и 35/08) и член 35 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и увидот во списите на предметот К.бр. 24/94 на Основниот суд Кратово, утврди:
Барањето за заштиа на правото на судење во разумен рок е недозволено.
Согласно член 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права, секој при определувањето на неговите граѓански права и обврски или кога е кривично гонет, има право на правично и јавно судење во разумен рок, пред независен и непристрасен трибунал основан со закон.
Согласно член 35 став 3 и став 4 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, изменета со Протоколот 11, судот ќе го прогласи за недопуштено секое индивидуално барање поднесено согласно член 34 ако смета дека е некомпатибилно со одредбите на Конвенцијата или Протоколите, ако е неосновано или претставува злоупотреба на правото на жалба. Судот ќе ги отфрли сите барања кои ќе ги оцени како недопуштени врз основа на овој член.
Во конкретниот случај подносителот бара заштита на правото на судење во разумен рок на постапката во предметот К.бр.217/96( 24/94) на Основниот суд Кратово, во која е одлучувано по предлог за исправка на правосилна пресуда К.бр. 24/94 од Окружниот суд Штип во делот на одлуката за трошоците на кривичната постапка.
Врховниот суд на Република Македонија најде дека постапката водена за исправка на одлуката за трошоци во кривичната постапка, не е опфатена со членот 6 од Европската Конвенција бидејки не се работи за постапка која е одлучувачка за резултатот на кривичната постапка, поради што следуваше барањето за заштита на правото на судење во разумен рок да го отфрли како недозволено.
Решено во Врховниот суд на Република Македонија на ден 27.04.2010 година под ПСРРК.бр.3/2010
Претседател на совет-судија
Абдулаќим Саљиу с.р.
За точноста на отправокот т в р д и - секретар.
ПРАВНА ПОУКА: Против ова решение може да се поднесе жалба до Врховниот суд на Република Македонија во рок од 8 дена од денот на приемот на решението до советот на Врховниот суд на Република Македонија кој одлучува во втор степен против одлуката на своите совети.
ДН: - на подносител
ВЈ/