Kвп.бр.100/2010
ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од Претседателот на судот Јово Вангеловски - како претседател на советот и судиите Невена Крцковска Малинковска и д-р Драган Тумановски - членови на советот, со записничар Соња Строимановска - советник, одлучувајќи по барањето на осудениот А. Н. од Б. , за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот суд Прилеп К.бр.107/09-I од 26.10.2009 година и пресудата на Апелациониот суд Битола Кж.бр.898/09 од 11.01.2010 година, поднесено преку бранителот С. Б., адвокат од Б., по претходно прибавениот писмен одговор на Јавниот обвинител на Република Македонија Овп.бр.119/2010 од 18.03.2010 година, на седницата одржана на ден 27.04.2010 година, согласно член 415 во врска со член 412 и член 407 од Законот за кривичната постапка, донесе:
П Р Е С У Д А
Барањето на осудениот А. Н. од Б. , за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот суд Прилеп К.бр.107/09-I од 26.10.2009 година и пресудата на Апелациониот суд Битола Кж.бр.898/09 од 11.01.2010 година, поднесено преку бранителот С. Б., адвокат од Б., СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНО.
О б р а з л о ж е н и е
Со пресуда на Основниот суд Прилеп К.бр.107/09-I од 26.10.2009 година, обвинетиот А. Н. од Б. , огласен е виновен дека сторил продолжено кривично дело Овозможување на употреба наркотични дроги од член 216 став 1 во врска со член 45 став 1 од Кривичниот законик, па согласно овој член како и членовите 4, 32, 33, 34, 35, 39, 40 и 41 став 1 точка 6 од КЗ, е осуден на казна затвор во траење од 7 - седум месеци. Во изречената казна затвор на обвинетиот му е засметано и времето поминато во притвор и тоа сметано од 04.02.2009 година од 11,40 часот до 18.03.2009 година до 16,15 часот, асогласно член 47 од КЗ. Обвинетиот е задолжен да плати паушал во износ од 1.500,00 денари, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата.
Со пресуда на Апелациониот суд Битола Кж.бр.898/09 од 11.01.2010 година, жалбата на обвинетиот А. Н. од Б. , изјавена преку бранителот С. Б., адвокат од Б., е одбиена како неоснована, а пресудата на Основниот суд Прилеп К.бр.107/09-I од 26.10.2009 година, е потврдена.
По правосилноста на пресудата, осудениот А. Н. од Б., преку бранителот С. Б., адвокат од Б., до Врховниот суд на Република Македонија поднесе навремено барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поради повреда на одредбите на кривичната постапка од член 381 став 1 точка 8 од ЗКП и поради повреда на Кривичниот законик на штета на осудениот во врска со член 382 точка 1 и 2 од ЗКП („Службен весник на РМ“ бр.15/05 од 07.03.2005 година - пречистен текст), со предлог барањето да се уважи, првостепената и второстепената пресуда да се укинат и предметот да се врати на првостепениот суд на повторно судење и одлучување, или правосилната пресуда да се преиначи и осудениот да се ослободи од оговорност за стореното кривично дело.
Врховниот суд на Република Македонија, барањето на осудениот и сите списи по предметот ги достави до Јавниот обвинител на Република Македонија, кој со навремен писмен одговор Овп.бр.119/2010 од 18.03.2010 година предложи барањето да се одбие како неосновано.
Врховниот суд на Република Македонија, откако го разгледа и проучи барањето на осудениот, правосилната пресуда и другите списи приложени кон предметот, а имајќи го притоа предвид и писмениот одговор на Јавниот обвинител на Република Македонија, најде:
Барањето е неосновано.
Во барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда е наведено дека со истата е сторена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 381 став 1 точка 8 од ЗКП, на околност дека правосилната пресуда се заснова врз доказ, врз кој според одредбите од Законот за кривичната постапка не може да се заснова пресудата, а тоа е исказот на сведокот К. З., кој во случајот не можел да биде сведок, туку само обвинет за кривичното дело од член 215 став 1 од КЗ и за кривичното дело од член 216 став 1 од КЗ.
Оценувајќи ги ваквите наводи во поднесеното барање, Врховниот суд на Република Македонија констатира дека истите се неосновани, од причина што исказот на сведокот К. З. е јасен, дициден, хронолошки поврзан по однос на сите решителни факти, дека во текот на месец јануари 2009 година во три наврати осудениот и овој сведок, со возилото на сведокот К. доаѓале во П., а за горивото осудениот му плаќал на сведокот К.. На договореното место се сретнувале со лицето Д., од кого осудениот ја купувал дрогата и по патот кога се враќале во Б., осудениот му давал на сведокот К. по едно пакување хероин за извршената услуга, за да ја ужива. Меѓутоа, исказот на сведокот К. З. не е земен сам за себе, независно и изолирано од останатите изведувани докази во текот на постапката. Овој доказ се поткрепува и надополнува со останатите изведени материјални и вербални докази во текот на постапката, а кои се однесуваат на решителните факти, поради што истите не можат да се доведат под никакво сомнение.
По однос на наводите во барањето дека осудениот бил во стварна и правна заблуда за делото, а кои се околности кои ја исклучуваат кривичната одговорност на осудениот, Врховниот суд на Република Македонија ваквите наводи ги оцени како неосновани, од причина што осудениот бил и порано осудувано лице за кривичното дело - Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 од КЗ, за време на извршувањето на кривичното дело бил свесен за своите дејствија, кои што претставуваат остварување на битните елементи на кривичното дело, за кое е огласен виновен и осуден. Осудениот знаел дека давањето на уживање на наркотична дрога на друго лице е кривично дело, така што во случајот не постојат околности за исклучување на кривичната одговорност на осудениот, како што е наведено во барањето.
Со останатите наводи во поднесеното барање не се укажува на ниту еден релевантен доказ, со кој би се довела под сомнение утврдената фактичка состојба во правосилната пресуда. Во постапката се изведени доволен број на докази, врз основа на кои овој суд заклучи дека решителните факти се потполно и целосно утврдени со правосилната пресуда и со барањето на осудениот не се доведени под никакво сомнение.
По однос на наводите во барањето дека во случајот повреден е Кривичниот законик на штета на осудениот, на околност дека во дејствијата на осудениот нема елементи на кривичното дело за кое е огласен виновен и осуден, Врховниот суд на Република Македонија ваквите наводи ги оцени како неосновани, од причина што од сите изведени материјални и вербални докази во текот на постапката, правилно осудениот е огласен виновен за стореното кривично дело. Сите изведени докази се надополнуваат по однос на времето, местото и начинот како се одвивал кривично правниот настан, по однос на постапувањето на осудениот, кој во три наврати во текот на месец јануари 2009 година му дал на оштетениот К. З. од Б. да ужива наркотична дрога хероин, на начин што откако претходно оштетениот по телефон ќе договорел средба со лицето Д. Д., заради купување на хероинот за осудениот А., оделе заедно во П., оштетениот кај место викано Ш. Ч. се среќавал со лицето Д. и за сума од 5.000,00 денари, која ја примал од осудениот купувал 3,5 - 4 грама хероин која потоа му ја предавал на осудениот, а за услугата осудениот на оштетениот додека се враќале за Б. му давал едно пакување да ужива од дрогата.
Во случајот потполно и целосно е утврдена фактичката состојба од страна на првостепениот суд и правилно се ценети сите изведени докази.
Останатите наводи во поднесеното барање веќе биле предмет на оценка во текот на жалбената постапка и во второстепената пресуда се содржани сите причини за решителните факти по однос на постоењето на предметното кривично дело и кривичната одговорност на осудениот, кои Врховниот суд на Република Македонија во потполност ги акцептира.
Во случајот на јасен и недвосмислен начин произлегува дека осудениот го сторил кривичното дело - Овозможување на употреба наркотични дроги од член 216 став 1 во врска со член 45 став 1 од КЗ, за кое основано е огласен виновен и осуден.
Врз основа погоре наведеното, овој суд одлучи како во изреката на пресудата, а согласно член 415 во врска со член 407 од Законот за кривичната постапка.
Пресудено во Врховниот суд на Република Македонија на ден 27.04.2010 година под Kвп.бр.100/2010.
Записничар-советник Претседател на Судот - советот
Соња Строимановска с.р. Јово Вангеловски с.р.
За точноста на отправокот - т в р д и:секретар,
СН/