Kвп.бр.127/2010
ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од Претседателот на Судот Јово Вангеловски - претседател на советот и судиите: Ристо Катевеновски, Фатон Пачуку, д-р Драган Тумановски и Мила Камбовска - членови на советот, со записничар Оливер Гоџоски - Виш судски соработник, решавајќи по барањето на осудениот Д. Џ. од С., за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот суд Скопје I Скопје К.бр.1564/08 од 23.06.2009 година и пресудата на Апелациониот суд во Скопје Кж.бр.72/10 од 29.01.2010 година, поднесено од бранителот Д. Д., адвокат од С., по претходно прибавениот писмен одговор на Јавниот обвинител на Република Македонија Овп.бр.145/2010 од 26.04.2010 година, на седницата одржана на ден 11.05.2010 година, согласно член 415 во врска со член 412 и член 408 од Законот за кривичната постапка, донесе:
П Р Е С У Д А
Барањето на осудениот Д. Џ. од С., за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, поднесено од бранителот Д. Д., адвокат од С., СЕ УВАЖУВА.
Пресудата на Основниот суд Скопје I Скопје К.бр.1564/08 од 23.06.2009 година и пресудата на Апелациониот суд во Скопје Кж.бр.72/10 од 29.01.2010 година, СЕ УКИНУВААТ и предметот се враќа на првостепениот суд на повторно одлучување.
О б р а з л о ж е н и е
Основниот суд Скопје I Скопје со пресуда К.бр.1564/08 од 23.06.2009 година, обвинетиот Д. Џ. од С., го огласил виновен за кривично дело - Разбојништво по член 237 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, за што му изрекол алтернативна мерка, условна осуда му утврдил казна затвор во траење од 1 - една година која нема да се изврши доколку обвинетиот не стори ново кривично дело за време од 3 - три години. Обвинетиот бил задолжен да плати 1.000,00 денари на име судски паушал во рок од 30 дена по правосилноста на пресудата. Оштетениот Д. П. за своето имотно правно побарување бил упатен на граѓански спор.
Апелациониот суд во Скопје со пресуда Кж.бр.72/10 од 29.01.2010 година, жалбата на Основното јавно обвинителство од Скопје ја уважил, по што пресудата на Основниот суд Скопје I Скопје К.бр.1564/08 од 23.06.2009 година ја преиначил во делот на одлуката за кривичната санкција на начин што обвинетиот Д. Џ. кој со првостепената пресуда бил огласен виновен за кривично дело по член 237 став 1 во врска со член 22 од КЗ, го осудил на ефективна казна затвор во траење од 1 - една година. Во останатиот дел првостепената пресуда е потврдена.
По правосилноста на пресудата, во законски предвидениот рок осудениот Д. Џ. преку неговиот бранител Д. Д., адвокат од С., до Врховниот суд на Република Македонија поднел барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поради повреда на Кривичниот законик и повреда на одредбите на Законот за кривичната постапка, со предлог барањето да се уважи и пресудите на пониските судови да се укинат во целост и предметот да се врати на повторно одлучување пред првостепениот суд.
Овој суд постапувајќи согласно член 414 став 4 од Законот за кривичната постапка, барањето на осудениот и другите списи кон предметот ги достави до Јавниот обвинител на Република Македонија, кој со навремен писмен одговор Овп.бр.145/2010 од 26.04.2010 година, предложи барањето да се уважи како основано.
Врховниот суд на Република Македонија, откако го разгледа и проучи барањето на осудениот, а по извршениот увид во списите содржани кон овој предмет и тоа на првостепениот и на второстепениот суд, имајќи го во предвид и писмениот одговор на Јавниот обвинител на Република Македонија, најде:
Барањето е основано.
Врховниот суд на Република Македонија оценувајќи ги наводите во поднесеното барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда во смисла на член 415 во врска со член 409 од Законот за кривичната постапка констатира дека се јавува значително сомневање за вистинитоста на решителните факти утврдени со правосилната пресуда.
Правосилната пресуда во своето образложение спротивно на законската обврска во себе не содржи и со неа не е утврдена
фактичка состојба преку која би можеле да се видат резултатите од доказната постапка. Имено, од правосилната пресуда не може со сигурност да се утврди времето на извршувањето на кривичното дело - околу 23 часот како што се тврди во изреката на правосилната пресуда, особено што и од јасниот, недвосмилен и категоричен исказ на оштетениот даден на главен претрес, се костатира дека делото е извршено истиот ден меѓутоа значително пред 23 часот односно околу настанот се случил околу 19- 20 часот.
Врховниот суд на Република Македонија констатира дека утврдувањето на решителната околност - време на случување на кривично-правниот настан е од суштинска важност, пред се заради проверката на одбраната на осудениот, валидноста на неговото алиби, дека во временскиот период помеѓу 19 и 20 часот, осудениот бил на работно место во игротеката В. во населба А., а што исто така произлегува и од исказите на сослушаните сведоци во текот на постапката, М. С.1. и М. Ц.2., исто така вработени во игротеката В..
Покрај претходното, сомневање во решителноста на утврдените решителни факти за Врховниот суд побудува и фактот што видно од диспозитивот на правосилната пресуда каде се тврди дека делото е извршено околу 23 часот, а од друга страна од исказот на оштетениот не само што се заклучува дека времето на извршување на кривичното дело е меѓу 19 и 20 часот, туку во прилог на оваа констатација е и фактот што оштетениот тврди дека во време на сторување на делото видливоста, осветленоста на местото на сторување на кривичното дело била добра, што упатува на заклучокот дека настанот се случил дење, а не околу 23 часот.
Исто така овој суд смета дека противречни и нерасчистени се околностите под кои се случил целокупниот настан, особено ако се споредат исказите не само на оштетениот туку и на сведоците односно на лицата кои биле сослушувани во текот на главниот претрес, поради што Врховниот суд смета дека пониските судови односно првостепениот суд воопшто не успеал да ја образложи докажаноста на решавачките факти за стореното кривично дело,а кои евентуално би стоеле на страната на осудениот Д. Џ. од С..
Врховниот суд на Република Македонија смета дека од изведените материјални и вербални докази пониските судови не успеале да утврдат правилен, јасен и концизен одговор по однос на времето и начинот на кој што е извршено кривичното дело - Разбојништво по член 237 став 1 во врска со член 22 од КЗ, во прилог на која констатација одат претходно опишаните недоследности во самата правосилна пресуда.
Врховниот суд смета дека пониските судови не вложиле напор да ги расчистат наведените спорни прашања на кој начин ќе утврделе дали и кои дејствија опишани во изреката на правосилната пресуда биле преземени од страна на осудениот и особено ќе го утврделе времето на сторувањето на кривичното дело, на кој начин врз основа на изведените докази би ги утврдиле решителните факти, а со тоа и неопходните законски елементи на кривичното дело по член 237 став 1 од Кривичниот законик.
Второстепениот суд постапувајќи по жалбата на Јавното обвинителство против првостепената пресуда, истиот иако бил должен и имал законска можност по службенан должност да ги утврди и да ги отстрани цитираните повреди особено по однос на времето на сторување на кривичното дело, тоа не само што не го направил туку со својата одлука првостепената пресуда ја преиначил само по однос на одлуката за кривичната санкција, а во останатиот дел во целост ја потврдил на кој начин ја сторил исто така повредата како и првостепениот суд.
Врховниот суд на Република Македонија поради сето наведено, постапувајќи по поднесеното барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда во смисла на член 415 во врска со член 409 од Законот за кривичната постапка, пресудата на Основниот суд Скопје I Скопје К.бр.1564/08 од 23.06.2009 година и пресудата на Апелациониот суд во Скопје Кж.бр.72/10 од 29.01.2010 година, ги укина во целост и предметот го врати на повторно разгледување и одлучување пред првостепениот суд.
При повторното постапување првостепениот суд должен е да ги отстрани наведените противречности, на јасен, сигурен и недвосмислен начин да ги разјасни сите решавачки факти и околности во врска со настанот, особено по однос на времето на сторување на кривичното дело, што ќе му овозможи врз правилно утврдена фактичка состојба да го примени кривичниот законик и на тој начин да донесе правилна и законита одлука.
Со оглед на претходно изнесеното, следуваше да се одлучи согласно член 415 во врска со член 412 и член 408 од Законот за кривичната постапка како во изреката на оваа пресуда.
Пресудено во Врховниот суд на Република Македонија на ден 11.05.2010 година под Квп.бр.127/2010.
Виш судски соработник - Записничар Претседател на Судот- советот
Оливер Гоџоски с.р. Јово Вангеловски с.р.
За точноста на отправокот - т в р д и:секретар,
СН/