Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
Одлуки на Врховниот Суд на Р.М.

11.05.2010   Kвп.бр.148/2010
Kвп.бр.148/2010
 
 
ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
 
 
            ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од Претседателот на судот Јово Вангеловски - претседател на советот и судиите Ристо Катевеновски, д-р Драган Тумановски, Мила Камбовска и Невена Крцковска Малинковска - членови на советот, со записничар Оливер Гоџовски - виш судски соработник, решавајќи по барањата на осудените Р. М.1., К. М.2. и Б. М.3., сите од Т., за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот суд Скопје I Скопје КОК.бр.34/09 од 01.10.2009 година и пресудата на Апелациониот суд во Скопје КЖ.бр.10/10 од 19.02.2010 година, поднесени преку бранителите Е. Д., адвокат од С. и Б. К., адвокат од С., по претходно прибавениот писмен одговор на Јавниот обвинител на Република Македонија III Овп.бр.164/2010 од 27.04.2010 година, на седницата одржана на ден 11.05.2010 година, согласно член 415 во врска со член 412 од Законот за кривичната постапка, донесе:
 
 
П Р Е С У Д А
 
 
           
Барањата на осудените Р. М.1., К. М.2. и Б. М.3., сите од Т., за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот суд Скопје I Скопје КОК.бр.34/09 од 01.10.2009 година и пресудата на Апелациониот суд во Скопје КЖ.бр.10/10 од 19.02.2010 година, поднесени преку бранителите Е. Д., адвокат од С. и Б. К., адвокат од С., СЕ ОДБИВААТ КАКО НЕОСНОВАНИ.
 
 
 
О б р а з л о ж е н и е
 
           
Основниот суд Скопје I Скопје со пресуда КОК.бр.34/09 од 01.10.2009 година, обвинетите Р. М.1., К. М.2. и Б. М.3., сите од Т., ги огласил виновни по точка 1 од диспозитивот на пресудата за сторено кривично дело - Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори по член 215 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, а за дејствијата под точка 2 од диспозитивот на пресудата обвинетите З. Х.4. и К. Х.5. ги огласил виновни за кривично дело - Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори по член 215 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, при што обвинетите Р. М.1. и К. М.2. ги осудил на казна затвор во траење од по 6 - шест години и 6 - шест месеци во која им го засметал времето поминато во притвор и во куќен притвор сметано од 11.03.2009 година до правосилноста на пресудата, обвинетиот  Б. М.3. го осудил на казна затвор во траење од 7 - седум години и 6 - шест месеци во која му го засметал времето поминато во притвор од 11.03.2009 година до правосилноста на пресудата и обвинетите З. Х.4. и К. Х.5. ги осудил на казна затвор во траење од по 3 - три години во која им го засметал времето поминато во притвор од 10.03.2009 година до правосилноста на пресудата.
 
Согласно член 215 став 6 од КЗ, наркотичната дрога- марихуана во вкупна количина од 239,7 кгр. и канабис во количина од 298,5 кгр. како и 0,26 грама семки од канабис пронајдени кај обвинетите М. Р.1., М. К.2. и М. Б.3., како и 6629.3 грама марихуана, 4 изработени рачни цигари со филтер од вкупно 4,22 грама, мешавина на тутун и марихуана, како и 1,3 грама марихуана пронајдени кај обвинетите З. Х.4. и К. Х.5. се одземени од обвинетите во корист на Република Македонија.
 
Апелациониот суд во Скопје со пресуда КЖ.бр.10/10 од 19.02.2010 година, жалбите на обвинетите Р. М.1., К. М.2., Б. М.3., како и на обвинетите З. Х..4. и К. Х.5., изјавени преку нивните бранители ги одбил како неосновани, а пресудата на Основниот суд Скопје I Скопје КОК.бр.34/09 од 01.10.2009 година, ја потврдил во целост.
 
            По правосилноста на пресудата, во законски предвидениот рок осудените Р. М.1., К. М.2. и Б. М.3., сите од Т., до Врховниот суд на Република Македонија поднеле барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда преку бранителите Б. К., адвокат од С. и Е. Д., адвокат од С..
 
            Во барањето поднесено од бранителот Б. К., адвокат од С. се наведува дека со правосилната пресуда сторени се повреди на Кривичниот законик на штета на овие осудени во смисла на член 439 став 1 точка 1 во врска со член 382 став 1 точка 1 од ЗКП (пречистен текст), како и повреда на кривичната постапка во смисла на член 381 став 1 точка 8 од ЗКП (пречистен текст), поради што се предлага барањето да се уважи, а пресудите на пониските судови да се укинат и предметот да биде вратен на повторно судење и одлучување пред првостепениот суд.
 
             Во барањето поднесено од бранителот Е. Д., адвокат од С., се наведува дека со правосилната пресуда повреден е Законот за кривичната постапка на штета на осудените Р. М.1., К. М.2. и Б. М.3. на главен претрес и во жалбена постапка, како и тоа дека со оваа пресуда се сторени повреди на Кривичниот законик, поради што се предлага барањето да биде уважено, пресудите на пониските судови да бидат укинати и предметот да биде вратен на повторно судење пред првостепениот суд.
 
            Овој суд постапувајќи согласно член 414 став 4 од Законот за кривичната постапка, барањата на осудените и другите списи кон предметот ги достави до Јавниот обвинител на Република Македонија, кој со навремен писмен одговор III Овп.бр.164/2010 од 27.04.2010 година, предложи барањата да се одбијат како неосновани.
 
            Врховниот суд на Република Македонија, откако ги разгледа и проучи барањата на осудените, правосилната пресуда и другите списи приложени кон предметот, а имајќи го притоа во предвид и писмениот одговор на Јавниот обвинител на Република Македонија, најде:
 
            Барањата  се неосновани.
 
            И во двете барања се истакнува дека со правосилната пресуда погрешно и нецелосно е утврдена фактичката состојба, дека не постојат докази дека осудените се извршители на кривичнито дело, дека дел од дејствијата кои ги превзел осудениот Б. М.3. се во време кога тој бил малолетно лице, по што во продолжение повторно и детално се елаборира веќе утврдената фактичка состојба, се анализираат изведените докази, се оспорува нивната веродостојност, за да врз основа на сето тоа се заклучи дека во дејствувањето на осудените Р. М.1., К. М.2. и Б. М.3. не се исполнети законските елементи на кривичното дело за кое истите правосилно се осудени, поради што со донесената пресуда е повреда Кривичниот законик, а со тоа и донесената правосилна пресуда е неправилна и незаконита.
 
            Оценувајќи ги ваквите наводи, Врховниот суд на Република Македонија констатира дека со истите се настојува да се прикаже дека утврдените факти не произлегуваат од изведените докази и со тоа да се внесе сомнение во нивната вистинитост.
 
Согласно член 413 од Законот за кривичната постапка, погрешно утврдена фактичка состојба не може да биде основ за поднесување на вакво барање.
 
Меѓутоа, овој суд согласно одредбите од член 415 во врска со член 409 од Законот за кривичната постапка, при решавањето на барањето ја преиспита и фактичката состојба, проверувајќи дали утврдените факти произлегуваат од изведените докази или не, при што констатира дека сите решавачки факти произлегуваат од изведените докази, а фактичката состојба не се доведува под сомнение.
 
Врховниот суд на Република Македонија од увидот во списите на предметот констатира дека пониските судови врз основа на целосна и сеопфатна анализа на сите докази како материјални така и вербални, правилно и целосно ги утврдиле сите решителни факти, особено кои и какви дејствија на извршување во критичното време и на критичното место биле преземени од страна на секој од осудените вклучително и на осудените Р. М.1., К. М.2. и Б. М.3..
 
Врз основа на изведените докази, а особено од записникот за претрес на дом од 11.03.2009 година, фотодокументација, потврда за привремено одземени предмети, вештачење од 11.03.2009 година, но делумно и од одбраните на самите осудени како и од останатите материјални и вербални докази, пониските судови правилно утврдиле дека критичниот период осудениот М. Б.3. неовластено произведувал поголема количина на наркотична дрога, по што заедно со осудените Р. и К. во текот на февруари 2009 година во нивното бачило неовластено заради продажба држеле наркотична дрога марихуана, канабис, семки од канабис, во количини и спакувани во вреќи точно определени како во изреката на правосилната пресуда кои неспорно се пронајдени и се одземени при извршениот претрес од страна на овластените службени лица во куќите во кои истите заедно живеат. Судовите во целост ја расчистиле и утврдиле динамиката и хронологијата на кривично-правниот настан при што детално е опишано сето она што се превземало критичниот период и на критичните места од страна на секој од осудените.
 
Неосновани се наводите за неправилно и нецелосно утврдена фактичка состојба бидејќи од изведените докази кои неспорно се во меѓусебна корелација и кои претставуваат логична целина, одбраната на осудените останала непоткрепена и во контрадикторност со доказите на кои пониските судови поклониле верба.
 
Впрочем, видно е од одбраната на осудениот Б. М.3. дадена пред првостепениот суд, тој воопшто и не оспорува дека на нивата која ја обработувал неговиот татко на која се одгледувало зеленчук, помеѓу другото во критичниот период прифатил да чува семе за дрога - марихуана од лице кое му се претставило како А. од Република Албанија, со цел истиот да му најде муштерија за продажба на ваквата марихуана.
 
Неосновани се и наводите дека дел од дејствијта кои ги превзел осудениот М. Б.3. се сторени од негова страна како малолетник, бидејќи од сите изведени докази но и од одбраната на овој осуден дадена пред истражен судија произлегува дека истиот прв пат започнал со производството на поголема количина наркотична дрога сметано од април 2008 година, кога бил полнолетен со оглед дека е роден на 03.03.1990 година.
 
Врховниот суд на Република Македонија констатира дека сите наводи кои се однесуваат на тоа дека пониските судови не ги утврдиле сите решителни факти кои се од влијание за правилно одлучување, овој суд наоѓа дека веќе биле предмет на оцена во текот на жалбената постапка и дека во образложението на пресудата на второстепениот суд се содржани причини за решителните факти како по однос на постоењето на кривичното дело по член 215 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик, така и по однос на кривичната одговорност на осудените Р. М.1., К. М.2. и Б. М.3., кои ги прифаќа и Врховниот суд на Република Македонија.
 
Неосновани се и наводите со кои се оспорува изрекувањето на казните затвор спрема тројцата осудени, односно се тврди дека е повреден Кривичниот законик на штета на овие осудени со тоа што им се изречени соодветните казни затвор.
 
Имено, Врховниот суд на Република Македонија констатира дека се работи за навод кој не може да биде истакнат во барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, освен кога со изречените казни судовите ги пречекориле овластувањата кои ги имаат согласно законот.
 
По извршениот увид во списите по предметот, овој суд констатира дека изречените казни затвор за сите осудени се во рамките и границите определени со Кривичниот законик за кривичното дело по член 215 став 2 во врска со став 1 во врска со член 22 од КЗ, односно не може да се констатира било какво пречекорување на овластувањата кои ги имале судовите во смисла на член 356 став 1 точка 4 од Законот за кривичната постапка.
 
Врз основа на сето претходно изнесено, Врховниот суд на Република Македонија одлучи како во диспозитивот на пресудата согласно член 415 во врска со член 412 од Законот за кривичната постапка.
 
Пресудено во Врховниот суд на Република Македонија на ден 11.05.2010 година под Квп.бр.148/2010.
 
 
Виш судски соработник - записничар                      Претседател на Судот - советот
           Оливер Гоџоски с.р.                                                     Јово Вангеловски с.р.
 
 
 
            За точноста на отправокот - т в р д и:секретар,
 
 
 
СН/
 
 
 
 
 
 
 
 

Назад