Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
Одлуки на Врховниот Суд на Р.М.

25.05.2010   Kвп.бр.160/2010
Kвп.бр.160/2010
 
            ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од Претседателот на судот: Јово Вангеловски - претседател на советот и судиите: Невена Крцковска Малинковска и Фатон Пачуку - како членови на советот, со советникот Соња Строимановска - записничар, решавајќи по барањето на осудениот М. Ј. од с.Ј. – С. , за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот суд Скопје I Скопје К.бр.4272/08 од 30.09.2009 година поднесено преку неговиот бранител М. И. Б., адвокат од С., по претходно прибавениот писмен одговор на Јавниот обвинител на Република Македонија Овп.бр.176/10 од 07.05.2010 година, на седница одржана на ден 25.05.2010 година, согласно член 411 став 2 и член 414 став 3 од Законот за кривична постапка, донесе:
 
 
Р Е Ш Е Н И Е
 
            Барањето на осудениот М. Ј. од с.Ј. – С., за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот суд Скопје I Скопје K.бр.4272/08 од 30.09.2009 година поднесено преку неговиот бранител М. И. Б., адвокат од С., СЕ ОТФРЛА КАКО НЕДОЗВОЛЕНО.
 
 
О б р а з л о ж е н и е
 
            Основниот суд Скопје I Скопје со пресуда K.бр.4272/08 од 30.09.2009 година, обвинетиот М. Ј. од с.Ј. – С. го огласил виновен за кривично дело од член 60 став 1 од Законот за акцизи во врска со член 19 од КЗ и за истото го осудил на казна затвор во траење од 3-три месеци.
 
            Согласно член 100 а став 2 од КЗ од обвинетиот М. Ј. во корист на Република Македонија одземени се предметите наменети за извршување на кривичното дело подетално наведени во првостепената пресуда.
 
            Согласно член 92 став 1 во врска со член 89 од ЗКП судот го задолжил обвинетиот на име судски паушал да плати сума во износ од 2.000,00 денри во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, а под страв на присилно исполнување.
           
            Апелациониот суд во Скопје одлучуајќи по жалбата на обвинетиот М. Ј. изјавена лично од него против пресудата на Основниот суд Скопје I Скопје со пресуда K.бр.4272/08 од 30.09.2009 година со решение КЖ.бр.126/10 од 09.02.2010 година истата ја отфрлил како ненавремена.
 
            Осудениот М. Ј. преку неговиот бранител М. И. Б., адвокат од С. поднел до Врховниот суд на Република Македонија барање за вонредно преиспитување на правосилната пресуда, со кое ја напаѓа правосилната пресуда по однос на фактичката состојба, а предлага заверени изјави од сведоците Т. А., Д. А., понатаму наведува дека е семеен човек, татко на две студентки, невработена сопруга, и прилага писмени докази по однос на овие наводи. Предлага барањето да се уважи и првостепената пресуда укине и предметот да се врати на првостепениот суд на повторно разгледување и одлучување.
 
            Јавниот обвинител на Република Македонија, со навремен писмен одговор Овп.бр.176/2010 од 07.05.2010 година предложи барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда да се отфлри како недозволено согласно член 411 став 3 од ЗКП.
 
            Врховниот суд на Република Македонија откако го разгледа и проучи барањето на осудениот, правосилната пресуда и другите списи по предметот, имајќи го во предвид и писмениот одговор на Јавниот обвинител на Република Македонија Љ. Ј., најде:
 
            Барањето е недозволено.
 
            Согласно член 411 став 3 од Законот за кривичната постапка, осудениот што не користел редовен правен лек против пресудата не може да поднесе барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда, освен ако со пресудата на второстепениот суд наместо ослободување од казна, судска опомена условна осуда или парична казна или изречена казна затвор односно наместо воспитна мерка казна малолетнички затвор.
           
            Согласно член 414 став 3 од Законот за кривичната постапка, барањето што е поднесено ненавремено или го поднело неовластено лице и е поднесено во случај на осуда на кривична санкција поради која барање не може да се поднесе (член 411 став 1), или според законот не е дозволено, или кога подносителот се откаже од барањето, ќе го отфрли со решение претседателот на советот на првостепениот суд или судот надлежен за одлучување по барањето.
 
            Со оглед на тоа да жалбата на обвинетиот М. Ј. е отфрлена како ненавремена со решение на Апелациониот суд Скопје се смета дека истиот не користел редовен правен лек. Со оглед да барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда не е дозволено по закон, согласно погоре цитираните законски одредби            Врховниот суд на Република Македонија истото го отфрли како недозволено.
 
            Со оглед на горе изложеното, а согласно член 411 став 3 во врска со член 414 став 3 од ЗКП следуваше да се одлучи како во изреката на ова решение.
 
            Решено во Врховниот суд на Република Македонија на ден 25.05.2010 година под Kвп.бр.160/2010.
 
Записничар - советник                                          Претседател на судот - советот        
Соња Строимановска с.р.                                               Јово Вангеловски с.р.
 
 
                              За точноста на отправокот - т в р д и:секретар,
 
ВЈ/

Назад