Дома  I    Мапа  I    Контакт  I    Огласна Табла    


   
 
 
 
Погледнете ја статистиката за работењето на судот за актуелната година ...
 
 
Одлуки на Врховниот Суд на Р.М.

20.05.2010   Рев.бр.629/2009
Рев.бр.629/2009
                       
 
            ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИТЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
 
            ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, во совет составен од судиите: Владимир Бабунски - претседател на советот, Зирап Лимани, Мирјана Андреева, Беса Адеми и Мирјана Радевска Стефкова - членови на советот, во правната работа на тужителот Б. Л. од Г., против тужениот АДО Е. С., за надомест на штета, вредност на предметот на спорот 3.082.580,00 денари, одлучувајќи по ревизијата изјавена од тужителот, против пресудата на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.613/09 од 02.04.2009 година, на седницата одржана на ден 20.05.2010 година донесе:
 
 
 
П Р Е С У Д А
 
 
            Ревизијата ДЕЛУМНО СЕ УСВОЈУВА.
 
            Пресудата на Апелациониот суд Скопје ГЖ.бр.613/09 од 02.04.2009 година и пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје XXXVIII П.бр.12916/07 од 21.11.2008 година, СЕ ПРЕИНАЧУВААТ во однос на висината на досудениот надомест за нематеријална штета, така што на тужителот покрај веќе досудениот надомест му се досудува: за претрпени физички болки уште износ од 35.000,00 денари, за претрпен страв уште износ од 25.000,00 денари и за претрпени душевни болки поради намалена општа животна активност уште износ од 50.000,00 денари, со законска затезна камата, сметано од денот на пресудувањето 21.11.2008 година до исплатата, во рок од 15 дена по приемот на пресудата.
 
            Во останатиот дел ревизијата се СЕ ОДБИВА КАКО НЕОСНОВАНА.
 
        
 
О б р а з л о ж е н и е
 
 
            Основниот суд Скопје II Скопје со пресуда XXXVIII П.бр.12916/07 од 21.11.2008 година, делумно го усвоил тужбеното барање на тужителот Б. Л. од Г. - с, М.. Го задолжил тужениот АДО Е. – С. како правен следбеник на ТДО М. О. – С. да му плати на тужителот надомест на нематеријална штета во вкупен износ од 880.000,00 денари, од кои за претрпен физички бол износ од 280.000,00 денари, за претрпен страв износ од 200.000, 00 денари и за претрпени душевни болки поради намалена општа животна активност износ од 400.000,00 денари, надомест на материјална штета во износ од 10.064,00 денари со законска затезна камата сметано од денот на пресудувањето - 21.11.2008 година до исплатата, како и надомест на име трошоци во постапката во износ од 109.967,00 денари, во рок од 15 дена по приемот на пресудата. Го одбил како неосновано поголемото тужбено барање на тужителот за надомест на штета од досудениот до бараниот износ од 3.070.000,00 денари, и тоа по основ претрпен физички бол до износ од 710.000,00 денари, по основ претрпен страв до износ од 450.000,00 денари, по основ претрпен душевен бол поради намалена општа животна активност до износ од 1.600.000,00 денари, со законска затезна камата на разликата сметано од денот на пресудувањето до исплатата по основот претрпен душевен бол поради нагрденост во износ од 310.000,00 денари со законска затезна камата сметано од денот на пресудаувањето до исплатата, за надомест на материјална штета од досудениот до бараниот износ од 12.580,00 денари со законска затезна камата на разликата сметано од 19.06.2006 година до исплатата, за законска затезна камата на досудениот надомест на материјална штета во износ од 10.064,00 денари сметано од 19.06.2006 година до 21.11.2008 година, како и за надомест на име трошоци во постапката од досудениот до бараниот износ од 152.559,00 денари. Судот со решение го одбил како неоснован предлогот на тужителот за ослободување од плаќање судски такси по предметот П.бр.12916/07.
           
            Апелациониот суд Скопје со пресуда ГЖ.бр.613/09 од 02.04.2009 година , жалбата на тужителот ја одбил како неоснована, а жалбата на тужениот делумно ја усвоил. Пресудата на Основниот суд Скопје II Скопје XXXVIII П.бр.12916/07 од 21.11.2008 година, ја потврдил. Решението за трошоци содржано во првостепената пресуда, го преиначил на начин што го задолжил тужениот да му ги надомести на тужителот трошоците по постапката во износ од 58.289,00 денари, во рок од 15 дена по приемот на пресудата, под страв на присилно извршување. Го одбил како неосновано поголемото тужбено барање за трошоци во постапката од досудениот износ од 58.289,00 денари до побараниот износ од 152.559,00 денари.  
 
            Против второстепената пресуда ревизија изјави тужителот, преку полномошникот Б. К., адвокат од С., поради суштествена повреда од член 343 став 2 точка 13 од Законот за парничната постапка и погрешна примена на материјалното право, со предлог Врховниот суд на Република Македонија ревизијата да ја усвои и побиваните пресуди да ги укине и предметот да го врати на повторно судење пред првостепениот суд. 
 
            Врховниот суд на Република Македонија, по проучување на списите во предметот и наводите во ревизијата, испитувајќи ја побиваната пресуда во смисла на член 377 став 3 од Законот за парничната постапка („Службен весник на РМ“ бр.79/05), најде:
 
            Ревизијата е делумно основана.
 
            Основан е наводот во ревизијата за погрешна примена на материјалното право.
 
             Во постапката по предметот од изведените докази меѓу другото, двата суда утврдиле дека на ден 19.06.2006 година на влезот на с.М. се случила сообраќајна незгода во која учествувале ПМВ марка “Застава 101”, сопственост на лицето Д. А., а управувано од лицето С. Т. од с.Д. и тужителот кој управувал сопствен велосипед марка “Собим”. Возилото кое го управувало лицето С. Т. било регистрирано до 21.03.2003 година немало исправни уреди и опрема, било со неисправен уред за сопирање - сила на кочење на работната и помошната кочница и воедно лицето С. Т. имал впишано заштитна мерка во возачката дозвола за забрана на управување со моторни возила од “Б” категорија во периодот од 05.11.2005 година до 05.08.2006 година. Со пресуда на Основниот суд Скопје II Скопје К.бр.1066/07 од 29.05.2007 година, возачот на возилото бил огласен за виновен за кривично дело Загрозување на безбедноста во сообраќајот и му била изречена парична казна. Како последица од предметната сообраќајна незгода тужителот се здобил со телесни повреди во вид на политраума – шокова состојба од трауматски причини, скршеница на карлица од типот отворена книга А3, раздерна рана на левата потколеница со синдром на зголемен притисок, пареза на нервот перонеус и нагмечување на главата со потрес на мозокот, окарактеризирани во вештачењето нод вештото лице д-р Р. К. и дополнението на наодот и мислењето, како тешки телесни повреди, па според интензитетот и времетраењето на трпење на страв, болка и намалена животна активност, судот нашол дека справедлив надомест би претставувал вкупен износ од 1.100.000,00 денари и тоa за: претрпен физички бол 350.000,00 денари, за претрпен страв 250.000,00 денари, за душевни болки поради намалена општа животна активност 500.000,00 денари.  
 
            Првостепениот суд спровел вештачење од вештото лице дипл.сообраќ.инж. Н. Е. за правилно утврдување на придонесот на учесниците во случување на сообраќајната незгода, според кое придонесот на тужителот од сообраќаен аспект изнесува 10%, а се состои во неговото свртување на лево приклучувајќи се од улица на регионален пат под агол од 45 степени, при што неговото задржување на коловозната лента временски било зголемено. Судот и покрај децидно и јасно изразениот став на вештото лице, утврдил дека придонесот на тужителот за настанување на сообраќајната незгода е 20%, при што нашол дека справедлив надомест на нематеријална штета би претставувал износот од вкупно 880.000,00 денари и тоа: за претрпен физички бол 280.000,00 денари, за претрпен страв 200.000,00 денари, за душевни болки поради намалена општа животна активност 400.000,00 денари, имајќи ги предвид околностите на случајот, особено интентзитетот на болките, стравот и нивното траење, согласно член 189 од Законот за облигационите односи („Службен весник на РМ“ бр.18/2001).
           
            Според наоѓање на Врховниот суд на Република Македонија, со вака досудениот надомест на име нематеријална штета пониските судови погрешно го примениле материјалното право, кога по слободна
оцена го утврдиле придонесот на тужителот од 20 % за настанување на незгодата, во услови кога од вештото лице изрично е утврден 10% придонес на тужителот во незгодата. Имено, првостепениот суд погрешно се впуштил во пресметување на придонесот по свое убедување и оценил дека изнесува 20%, а второстепениот суд нашол дека судот не е врзан за процентот на придонесот пресметан од вештото лице, па се согласил со ставот на првостепениот суд.
 
            Врховниот суд на Република Македонија истакнува дека првостепениот суд изведува доказ со вештачење кога за утврдување на некој факт е потребно стручно знаење со кое судот не располага (член 235 став 1 од Законот за парничната постапка). Во конкретниов случај, судот извел доказ со вештачење од вештак од сообраќајна струка, стручен и компетентен да го утврди придонесот на тужителот за настанување на штетниот настан. Вештакот утврдил дека придонесот на тужителот бил 10%. При ваков наод и мислење на вештакот, пониските судови не биле овластени придонесот на тужителот да го утврдат на 20%.  
            Доколку во мислењето на вештакот имало противречности или недостатоци, или се појавело основано сомневање во правилноста на даденото мислење, судот за отстранување на недостатоците или сомневањето можел повторно да го сослуша вештакот, а ако ни со тоа не можеле да се отстранат недостатоците или сомневањето, можел да побара мислење од други вештаци (член 246 став 3 од Законот за парничната постапка).  
 
            Со оглед дека првостепениот суд не постапил во наведениот смисол, ниту на таква потреба укажал второстепениот суд, треба да се прифати дека вештачењето нема недостатоци и нема основ за сомневање во неговата правилност, а тоа значи дека утврдениот факт од вештакот заради што бил изведен и доказот со вештачење, судот е должен да го прифати како таков и неможе да го менува по свое слободно судиско убедување. Оттука, кога придонесот на тужителот во настанувањето на штетата според вештачењето изнесувало 10%, следуваше прифаќајќи го таквиот факт како релевантен за одлучувањето, пресудите на пониските судови делумно да се преиначат по однос на висината на досудениот надомест и на веќе досудените износи на тужителот за претрпени физички болки 280.000,00 денари, за претрпен страв 200.000,00 денари и за намалена општа животна активност 400.000,00 денари, да му се досудат уште: 35.000,00 денари за претрпени физички болки, 25.000,00 денари за претрпен страв и 50.000,00 денари за душевни болки поради намалена општа животна активност, што е соодветно на утврдениот справедлив надомест од пониските судови, кој го прифаќа и овој суд, а изнесува: за претрпени физички болки 350.000,00 денари, за претрпен страв 250.000,00 денари и за претрпени душевни болки за намалена општа животна активност 500.000,00 денари.
            Со вака досудените надоместоци во вкупен поединечен износ за претрпени физички болки 315.000,00 денари, за претрпен страв 225.000,00 денари и за намалена општа животна активност 450.000,00
денари или вкупно надомест по сите основи износ од 990.000,00 денари, овој суд смета дека се остварени целите заради кои тој е досуден - сатисфакција, односно задоволување и поправање на нарушената душевна состојба на тужителот, а истовремено не е спротивна на овие цели и не погодува на стремежите што не се споиви со неговата природа (член 189 од Законот за облигационите односи).   
 
            Поради наведеното, следуваше согласно член 387 став 1 од Законот за парничната постапка, во овој дел ревизијата на тужителот делумно да се усвои, а пресудата на второстепениот и првостепениот суд да се преиначат на начин како во изреката на оваа пресуда.
 
            Пресудено во Врховниот суд на Република Македонија на ден 20.05.2010 година под Рев.бр.629/09.
 
                                                                             Претседател на советот- судија
                                                                                Владимир Бабунски с.р.
 
            За точноста на отправокот - т в р д и:секретар,
 
 
 
 
ЛД./
 
 
 
 
 
 

Назад