Во судскиот систем на Република Македонија, инаугуриран со Уставот од 1991 година, Врховниот суд на Република Македонија има две основни функции: прво, тој е највисок суд во државата и второ, обезбедува единство во примената на законите од страна на судовите.
Оваа положба и улога на Врховниот суд има основа особено во три темелни вредности на уставниот поредок важни за функционирање на системот на власта: унапредување и заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, начелото на владеење на правото и начелото на поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска.
Судството на Република Македонија, на чело со Врховниот суд на Република Македонија, е носечки столб на обезбедување и заштита на човековите слободи и права и остварување на начелото на владеење на правото, како основни карактеристики на секоја современа и демократска правна држава. Поврзано со тоа е уставната определба за независно и самостојно судство и судска власт во однос на законодавната и извршната власт.
Од овие основни постулати на уставниот и судскиот систем на Република Македонија, се определува и функцијата и позицијата на Врховниот суд на Република Македонија.
Организацијата на работата во Врховниот суд се одвива согласно со Законот за судовите, Законот за изменување и дополнување на Законот за судови, Судскиот деловник и Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Македонија. Работите од својата надлежност, утврдена со Уставот и законите, Врховниот суд ги извршува преку совети од три и пет судии, седница на оддели, заедничка седница на оддели, седница на судии и Општа седница.
Во Врховниот суд се основани четири судски оддели (Оддел за казниви дела, Оддел за граѓански дела и Оддел за судење во разумен рок и Оддел за судска пракса.
Во надлежност на судиите од Одделот за казниви дела е постапувањето и одлучувањето по предметите за кривични дела и други казниви дела.
Во надлежност на судиите од Одделот за граѓански дела е постапувањето и одлучувањето по предметите во споровите од личните и семејните односи, работните односи, како и од имотните и другите граѓанско правни односи на физичките и правните лица.
Во надлежност на судиите од Одделот за судење во разумен рок е постапувањето и одлучувањето по барањата на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок согласно правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободни и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд на човекови права.
Во надлежност на Одделот за судска пракса е одлучување за кои одлуки ќе се изработат сентенци кои ќе бидат основа за градење на судската пракса во Република Македонија.
Со годишниот распоред за работа на судот, што го донесува претседателот по претходно мислење на седницата на судии, се врши распоред на судиите по оддели и по совети, се определуваат претседатели на оддели и судија што го заменува претседателот.
Врховниот суд на Република Македонија, согласно член 8,член 9 и член 10 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („ Службен весник на Република Македонија“ бр.13/06), ја објавува следната:
ЛИСТА НА ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР
1.ОСНОВНИ ПОДАТОЦИ:
- назив: Врховен суд на Република Македонија
-адреса: бул„Крсте Мисирков“ бб
-контакт телефон: 02/3136044
- факс: 02/3237538
2.СЛУЖБЕНИ ЛИЦА ЗА ПОСРЕДУВАЊЕ СО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР
- Соња Груевска – Генерален секретар
- Лидија Таневска Јадровска – државен советник во Кабинетот на Претседателот (шеф на кабинет)
Контакт телефон: 02/3136044
3.НАЧИН НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА БАРАЊЕТО ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП НА ИНФОРМАЦИИТЕ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР:
- писмено
-усно
4.ЛИСТАТА НА ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР НА ВРХОВНИОТ СУД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
- информации за општи податоци;
- информации за судиите на Врховниот суд на РМ;
- информации за општи седници;
-статистика на судот;
-уставни, законски одредби, Деловник за работа, процесни закони;
-судска пракса: одлуки на Врховниот суд, начелни правни мислења и ставови, сентенци;
-соопштенија за јавност;
-формулари и документи;
-јавни набавки;
Граѓаните може да се информираат за сите прашања од нивен интерес што се поврзани со правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.