|
Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија одржана на 10.03.2011 година, расправаше по барањето на 38 граѓани на Република Македонија, заведено под бр.03-1609/10-1 од 13.12.2010 година, во врска со прашањето за обештетување надомест за нематеријална штета и душевна болка поради претрпена загуба на близок член на семејството и ранетите и повредените припадници на безбедносните сили на Република Македонија во вооружениот конфликт во 2001 година и го усвои следниот:
З А К Л У Ч О К
I.Во судската практика на Врховниот суд на Република Македонија, при одлучувањето по вонредните правни лекови во предметите за надомест на нематеријална штета на учесниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, од настаните во 2001 година, не постои разлика во одлучувањето. Примената на правото е единствено и конзистентно во сите донесени одлуки.
II.Постои разлика и нееднаквост помеѓу учесниците на безбедносните сили на Република Македонија во смисол дека некои добиле надомест по основ на претрпена нематеријална штета, но тоа не е поради различните одлуки на Врховниот суд на Република Македонија.
Причините за разликите се од различна правна природа и се огледаат во следното:
Прво, во тоа што Министерството за одбрана со некои учесници на безбедносните сили склучиле вонсудски спогодби за надомест на штета, а со други не склучиле.
Второ, што на некои учесници како тужители во постапките пред судовите, им биле досудени надоместоци во износи под цензусот за изјавување на ревизија, па пресудите по нивната правосилност биле извршени и непостоела правна можност од противизвршување (правосилните одлуки не биле преиначени или укинати).
Трето, поради тоа што по изразениот став на Врховниот суд на Република Македонија дека во разрешувањето на предметните спорови треба да се утврдат релевантни факти и во зависност од тоа да го применат Законот за облигационите односи или Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и членовите на нивните семејства, пониските судови на утврдените факти го применувале посебниот закон и ги одбивале тужбените барања.
Четврто, по донесување на Одлуката на Владата на Република Македонија од 10.11.2009 година, за прифаќање на исплатениот надомест како справедлив надомест на име нематеријална штета, онаа група на учесници на безбедносните сили кои во постапка за противизвршување по преиначените одлуки на Врховниот суд на Република Македонија требаше да ги вратат примените надоместоци, “не треба да ги враќаат“, а Државното правобранителство е задолжено да ги повлече тужбите (се мисли на тужбите за неосновано збогатување по донесувањето на преиначувачките одлуки од Врховниот суд со кои се одбиени тужбените барања на тужителите и најверојатно за поднесените предлози за противизвршување, каде што бил запазен законскиот рок за поднесување на предлог), во време кога дел од добиениот надомест тужителите го вратиле.
III.Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија нема уставна и законска основа за утврдување на начелен став или начелно правно мислење, со кои би се разрешил предметниот проблем на учесниците на безбедносните сили на Република Македонија во настаните од 2001 година.
ОПШТА СЕДНИЦА
НА ВРХОВНИОТ СУД
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|