|
|
|
 |
Начелни Правни Мислења и Ставови
|
 |
|
20.12.2011
|
Жалби изјавени против одлуките на Управниот суд
|
|
Согласно член 37 став 1 точка 1 од Законот за судовите, Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија по правно прашање дали Вховниот суд на Република Македонија е стварно надлежен суд да постапува по жалби изјавени против одлуките на Управниот суд, освен во случаите кои се предвидени во член 63 од Законот за управните спорови, по сопствена иницијатива на ден 20.12. 2011 година, донесе:
НАЧЕЛЕН ПРАВЕН СТАВ
Врховниот суд на Република Македонија е стварно ненадлежен суд да постапува по жалби изјавени против одлуките на Управниот суд, освен во случаите кои се предвидени во член 63 од Законот за управните спорови.
Предметите по жалби изјавени против одлуките на Управниот суд, доставени до Врховниот суд на Република Македонија, кои не се одлучени до донесувањето на Начелниот правен став, да се остапат на работа на Вишиот управен суд Скопје.
О б р а з л о ж е н и е
Согласно член 35 став 1 точка 3 од Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр.58/2006) и Законот за измена и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр.35/2008), Врховниот суд на Република Македонија е надлежен да решава во втор степен по жалба на одлука на Управниот суд во случаите предвидени со закон.
Согласно член 39 од Законот за управните спорови („Службен весник на РМ“ бр.62/2006), Управниот суд спорот го решава со пресуда, а според ставот 2 од овој член против пресудата (зборот пресуди е заменет со зборот одлуките – согласно член 5 од Законот за измени и дополнување на Законот за управните спорови (“Службен весник на РМ“ бр.150/2010) од членот 30 став 3 на овој закон е дозволена жалба. Со членот 30 од Законот за измени и дополнување на Законот за управните спорови (“Службен весник на РМ“ бр.150/2010), изменет е и член 39 од Законот за управните спорови, кој сега гласи: Против одлуката на Управниот суд е дозволена жалба.
Согласно член 4 од Законот за измени и дополнување на Законот за управните спорови (“Службен весник на РМ“ бр.150/2010), управните спорови во Република Македонија ги решаваат: Управниот суд, како првостепен суд; Вишиот управен суд како второстепен суд и Врховниот суд на Република Македонија, кој одлучува по вонредни правни средства во случаите кога тоа е уредено со закон.
Согласно член 13 став 2 со кој се менува член 16 од Законот за измени и дополнување на Законот за управните спорови (“Службен весник на РМ“ бр.150/2010), Вишиот управен суд одлучува по жалби против одлуките на Управниот суд донесени во прв степен.
Темелна вредност на Уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија е владеење на правото.
Според Амандман 21 од Уставот на Република Македонија, кој е прогласен со Одлука на Собранието на Република Македонија бр.07-4542/1 од 7 декември 2005 година, во став 1 се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во прв степен пред суд.
Во став 2, правото на жалба или друг вид на правна заштита, против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа, или организација и друг орган што врши јавни овластувања, се уредува со закон.
Според член 34 став 1 алинеја 4 од Законот за управните спорови, Управниот суд е надлежен да решава по тужби изјавени против поединечните акти на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и Градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога за решавање во втор степен против таквиот акт не е обезбедена друга правна заштита.
Согласно член 42-а став 1 од Законот за измени и дополнување на Законот за управните спорови (“Службен весник на РМ“ бр.150/2010), против одлуките на Управниот суд странките можат да изјават жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на одлуката преку Управниот суд до Вишиот управен суд.
Според Законот за управните спорови, случај кога е определена надлежност на Врховниот суд на Република Македонија да одлучува по жалба, е согласно членот 63 од Законот за управните спорови, каде е уредено дека против решението од членот 62 на тој закон, е дозволена посебна жалба до Врховниот суд на Република Македонија. Жалбата се поднесува во рок од 3 дена од денот на доставувањето на решението и е единствен случај кога со закон се определува надлежност на Врховниот суд на Република Македонија да одлучува по жалба на одлука донесена од Управниот суд
Согласно член 43, член 44 став 1, член 45 и член 46 – Преодни и завршни одредби од Законот за измени и дополнување на Законот за управните спорови (“Службен весник на РМ“ бр.150/2010), постапките по тужбите за покренување на управен спор поднесени до Управниот суд до денот на отпочнувањето на примената на овој закон ќе се спроведат согласно со одредбите на тој закон.
Против одлука во управен спор донесена до денот на отпочнувањето на примената на овој закон, може да се изјави жалба според прописите кои важеле до денот на отпочнувањето на примената на овој закон, ако според тие прописи жалбата е предвидена.
Вишиот управен суд ќе се конституира и ќе започне со работа најдоцна до 30 јуни 2011 година.
Законот за измени и дополнување на Законот за управните спорови е објавен во “Службен весник на РМ“ бр.150 од 18.11.2010 година, а ќе започне да се применува по конституирањето и започнувањето со работа на Вишиот управен суд.
Согласно член член 35 став 1 алинеја 3 од Законот за судовите, Врховниот суд на Република Македонија..., нема надлежност утврдена со закон освен во наведениот случај, да решава по жалби на одлуките на Управниот суд, согласно со закон или прописи кои важеле до денот на отпточнувањето на примената на Законот за измени и дополнување на Законот за управните спорови (“Службен весник на РМ“ бр.150/2010), ако според тие прописи жалба е предвидена.
Врховниот суд на Република Македонија, воспостави пракса, судот да постапува по жалби изјавени против одлуки на Управниот суд согласно Начелен правен став бр.0201-2218/09 од 24.12.2009 година, со кој де факто и де јуре се пополни правната празнина настаната по донесувањето на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр.231/2008 од 16 септември 2009 година („Службен весник на РМ“ бр.117/2009 од 25 септември 2009 година), со која се укинува членот 39 став 2 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република македонија“ бр.62/2006), во делот: „од членот 30 став 3 на овој закон“.
Согласно закон или друг пропис, Врховниот суд на Република Македонија не е стварно надлежен да решава по жалби изјавени против одлуките на Управниот суд.
Досегашната надлежност, Врховниот суд на Република Македонија да постапува и решава по жалби изјавени на одлуките на Управниот суд,ја темели на начелен правен став став бр.0201-2218/09 од 24.12.2009 година.
Заклучно со 30 јуни 2011 година е конститутиран и започна со работа Вишиот управен суд, кој согласно закон решава по жалби изјавени против одлуките на Управниот суд.
Така, во правниот систем на Република Македонија, сметано од констиурањето и започнувањето со работа на Вишиот управен суд е створен фактички и правен дуализам во постапувањето на двата суда со различна стварна судска надлежност утврдена со закон, во исто време да решаваат по жалби изјавени против одлуки на Управниот суд.
Тоа, само по себе ја загрозува правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, ако се има во вид со закон определената надлежност на судовите.
Имајќи го предвид изложеното, Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија, со донесувањето на начелниот правен став по сопствена иницијатива, го става вон сила Начелниот правен став бр.0201-2218/09 од 24.12.2009 година и со тоа, се става во функција на обезбедување на владеењето на правото, како темелна вредност загаранитирана со Уставот на Република Македонија и ја гарантира правната сигурност на граѓаните во Република Македонија, а воедно обезбедува и единство во примената на законите пред судовите.
ОПШТА СЕДНИЦА
НА ВРХОВНИОТ СУД
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|
 |
|
|
07.06.2011
|
Приговор против заклучок на извршител
|
|
Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на ден 7.06.2011 година, го утврди следниот:
З А К Л У Ч О К
Заклучокот на извршителот за утврдување на трошоци за извршување, претставува извршно дејствие и против истиот е дозволен приговор.
О б р а з л о ж е н и е
Согласно член 12 став 1 од Законот за извршување-Пречистен текст (“Службен весник на РМ“ бр.59/2011), извршни исправи се: 1) извршна судска одлука и судско порамнување; 2) извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска; 3) извршна нотарска исправа; 3-а) заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето; 3-б) решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа донесена од нотар и 4) друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.
Со член 17 од истиот закон, извршната исправа е подобна за извршување ако во неа се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнувањето на обврската. Ако во извршната исправа не е определен рокот за доброволно исполнување на обврската, извршителот со покана го повикува должникот во рок од 8 дена од денот на доставувањето на поканата, да ја исполни обврската утврдена во извршната исправа.
Согласно член 40 став 1 од наведениот закон, извршителот покрај другите дејствија донесува налози и заклучоци. Според став 4 од истиот член, при преземањето на извршните дејствија, извршителот ги изготвува налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки и други акти, со форма пропишана од Министерот за правда. Актите кои не се во пропишаната форма, се сметаат за неважечки.
Со членот 77 став 1 од Законот за извршување, определено е дека странката или учесникот, којшто смета дека при извршувањето се сторени неправилности, може да поднесе приговор до претседателот на основниот
суд на чија територија извршувањето, или пак дел од него, се спроведува. Со став 7 од истиот член, предвидено е дека со решението претседателот на судот, може приговорот да го одбие или да го усвои. Во ставот 8 е пропишано дека претседателот на судот со решението со кое го усвојува приговорот, ги утврдува сторените неправилности и ги става вон сила превземените извршни дејствија.
Според став 1 од член 77-а од Законот, против решението на претседателот на судот, странката или учесникот, има право да поднесе жалба до апелациониот суд, на чие подрачје се наоѓа основниот суд.
Поаѓајќи од наведените одредби, а расправајќи по правното прашање дали е дозволен приговор против заклучокот на извршителот, со кој се одмеруваат трошоците при извршувањето, Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија го утврди погоре наведениот заклучок.
Имено, заклучокот на извршителот за утврдување на трошоци на извршување, има својство на извршна исправа, кој во истовреме треба да ги усполнува условите за подобност за извршување, а со оглед да претставува извршно дејствие кое го превзема извршителот, доколку странката или учесникот смета дека се сторени неправилности при превземањето на истото, имаат право на приговор до претседателот на основниот суд на чија територија се спроведува извршувањето.
ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ ДЕЛА
|
 |
|
|
07.06.2011
|
Мала материјална штета според законот за безбедност во сообраќајот на патиштата
|
|
Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по правното прашање за утврдување критериум во врска со поимот “мала материјална штета“ според Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата (“Сл.весник на РМ“ бр.54/2007), согласно член 41 став 3 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на ден 7.06.2011 година, го усвои следниот:
З А К Л У Ч О К
Поимот “мала материјална штета“ во смисла на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата (“Сл.весник на РМ“ бр.54/2007), не се утврдува со акт на осигурителните друштва, туку висината на штетата во случај на спор ја определува судот.
ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ ДЕЛА
НА ВРХОВНИОТ СУД
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|
 |
|
|
29.03.2011
|
Откажување на договори за вработување од деловни причини
|
|
Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија одржана на 29.03.2011 година, расправаше по барањето за донесување на правно мислење – Начелен став од Љупчо Шентевски, адвокат од Скопје, Сојузот на синдикатите на Македонија и Агросиндикатот на Македонија и го усвои следниот:
З А К Л У Ч О К
Во судската практика на Врховниот суд на Република Македонија при одлучувањето по вонредните правни лекови – ревизии во работните спорови за поништување на одлуки за откажување на договори за вработување од деловни причини, кои тужениот “Жито Лукс“ АД Скопје ги има донесено како резултат на донесена Одлука за намалување на поголем број на вработени поради технолошки вишок, не постои разлика во одлучувањето и примената на правото, кое е единствено и конзистентно во сите донесени одлуки.
Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија нема уставна и законска основа за утврдување на начелен став или начелно правно мислење во врска со предметите на “Жито Лукс“ АД Скопје, кои се однесуваат на работници, на кои им престанал работниот однос поради технолошки вишок.
ОПШТА СЕДНИЦА
НА ВРХОВНИОТ СУД
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|
 |
|
|
10.03.2011
|
Надомест на нематеријална штета на учесниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства
|
|
Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија одржана на 10.03.2011 година, расправаше по барањето на 38 граѓани на Република Македонија, заведено под бр.03-1609/10-1 од 13.12.2010 година, во врска со прашањето за обештетување надомест за нематеријална штета и душевна болка поради претрпена загуба на близок член на семејството и ранетите и повредените припадници на безбедносните сили на Република Македонија во вооружениот конфликт во 2001 година и го усвои следниот:
З А К Л У Ч О К
I.Во судската практика на Врховниот суд на Република Македонија, при одлучувањето по вонредните правни лекови во предметите за надомест на нематеријална штета на учесниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, од настаните во 2001 година, не постои разлика во одлучувањето. Примената на правото е единствено и конзистентно во сите донесени одлуки.
II.Постои разлика и нееднаквост помеѓу учесниците на безбедносните сили на Република Македонија во смисол дека некои добиле надомест по основ на претрпена нематеријална штета, но тоа не е поради различните одлуки на Врховниот суд на Република Македонија.
Причините за разликите се од различна правна природа и се огледаат во следното:
Прво, во тоа што Министерството за одбрана со некои учесници на безбедносните сили склучиле вонсудски спогодби за надомест на штета, а со други не склучиле.
Второ, што на некои учесници како тужители во постапките пред судовите, им биле досудени надоместоци во износи под цензусот за изјавување на ревизија, па пресудите по нивната правосилност биле извршени и непостоела правна можност од противизвршување (правосилните одлуки не биле преиначени или укинати).
Трето, поради тоа што по изразениот став на Врховниот суд на Република Македонија дека во разрешувањето на предметните спорови треба да се утврдат релевантни факти и во зависност од тоа да го применат Законот за облигационите односи или Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и членовите на нивните семејства, пониските судови на утврдените факти го применувале посебниот закон и ги одбивале тужбените барања.
Четврто, по донесување на Одлуката на Владата на Република Македонија од 10.11.2009 година, за прифаќање на исплатениот надомест како справедлив надомест на име нематеријална штета, онаа група на учесници на безбедносните сили кои во постапка за противизвршување по преиначените одлуки на Врховниот суд на Република Македонија требаше да ги вратат примените надоместоци, “не треба да ги враќаат“, а Државното правобранителство е задолжено да ги повлече тужбите (се мисли на тужбите за неосновано збогатување по донесувањето на преиначувачките одлуки од Врховниот суд со кои се одбиени тужбените барања на тужителите и најверојатно за поднесените предлози за противизвршување, каде што бил запазен законскиот рок за поднесување на предлог), во време кога дел од добиениот надомест тужителите го вратиле.
III.Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија нема уставна и законска основа за утврдување на начелен став или начелно правно мислење, со кои би се разрешил предметниот проблем на учесниците на безбедносните сили на Република Македонија во настаните од 2001 година.
ОПШТА СЕДНИЦА
НА ВРХОВНИОТ СУД
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|
 |
|
|
22.02.2011
|
Утврдување на одговорност за надомест на штета по член 166 од ЗОО
|
|
Oдделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, согласно членот 90 став 3 од Законот за судовите (“Сл.весник на РМ“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010), членот 160 став 3 од Судскиот деловник (“Сл. весник на РМ“ бр.71/2007) и членот 46 став 2 од Деловникот за работа на Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи за правно прашање од интерес за работата на сите совети во судот и уедначување на судската пракса, на седницата одржана на ден 22.02.2011 година, го усвои следното:
П Р А В Н О М И С Л Е Њ Е
Утврдувањето на одговорноста, видот, обемот и висината на штетата настаната во смисол на одредбата од членот 166 “Одговорност поради терористички акти, јавни демонстрации или манифестации“ од Законот за облигационите односи, се определува согласно оваа одредба и другите одредби од истиот закон од одделот 2, насловен – Причинување на штета, од членот 141 до членот 198.
О б р а з л о ж е н и е
Како последица од воениот конфликт што се случи во Република Македонија во 2001 година, одредени физички и правни лица претрпеа материјална штета. За остварување на правото на надоместок на штетата, оштетените поднесоа тужби до Основните судови во Република Македонија, против државата Република Македонија, врз основа на членот 166 став 1 од Законот за облигационите односи.
По поднесените тужби, судовите во Република Македонија, во сите истанци (Основни, Апелациони и Врховниот суд), донесуваа пресуди со кои во целост или делумно ги усвојуваа тужбените барања на тужителите, утврдувајќи дека тужената Република Македонија е одговорна за надомест на штетата согласно наведената законска одредба.
Меѓутоа, во судската пракса се изрази различен став за тоа дали “висината на надоместокот на штетата “ треба да се утврдува според одредбите од Законот за облигацините односи, или според одредбите од Одлуката за донесување на единствена методологија за процена на штетите од елементарни и други непогоди (“Сл. Весник на РМ“ бр.75/2001).
Одредбата од членот 166 од Законот за облигационите односи (“Сл.весник на РМ“ бр.18/01, 78/01, 4/02, 59/02, 5/03, 84/08 и 81/09), во структурата на Законот е поместена во оддел 2, насловен “Причинување на штета”, отсек 6, со наслов ”Посебни случаи на одговорноста” со поднаслов “Одговорност поради терористички акти, јавни демонстрации или манифестации”.
Според ставот 1 од овој член, за штета настаната од смрт, телесна повреда или оштетување, односно уништување на имотот на физичко или правно лице, поради акти на насилство или терор, како и при јавни демонстрации и манифестации одговара државата. Според ставот 2, организаторите, учесниците, поттикнувачите и помагачите во актите на насилство или терор, во јавните демонстрации и манифестации, што се насочени кон подривање на уставното уредување немаат право на надомест на штета според оваа основа. Согласно ставот 3 пак, државата има право и обврска да бара надомест на исплатениот износ од лицето кое ја предизвикало штетата, а според ставот 4 од овој член, тоа право застарува во роковите пропишани за застареност на побарувањата за надомест на штета.
Од содржината и анализата на оваа одредба, произлегува дека со неа се уредува прашањето за одговорноста на државата за надомест на штета, што ја претрпеле физичките и правните лица, а што настанала ”поради акти на насилство или терор, како и при јавни демонстрации и манифестации” потоа, прашањето за околностите/случаите, во кои се исклучува одговорноста на државата за надомест на штета, како и нејзиното право и обврска да бара надомест на исплатениот износ од лицето кое ја причинило штетеата и на крај, одредување, дека тоа право застарува во роковите пропишани за застареност на побарувањата за надомест на штета.
Од изнесеното, недвојбено се констатира дека одредбата од членот 166 од Законот за облигационите односи, не содржи овластување-правен основ, Владата на Република Македонија, со подзаконски акт да ја доразработи оваа одредба заради нејзина примена.
Оттука, покрај другите елементи за одлучување за надомест на штетата од членот 166 став 1 од Законот за облигационите односи,како што се- видот и обемот на штетата, исто така, и за нејзината висина,судовите се овластени и обврзани да одлучуваат според одредбите содржани во Законот за олигационите односи, како единствено меродавно право.
Ова, бездруго значи, дека за утврдување на висината на штетата во овој вид спорови, нема правен основ, и затоа неможе висината на штетата да се утврдува согласноOдлуката за донесување на единствена методологија за процена на штетите од елементарни и други непогоди, како подзаконски пропис, Владата на Република Македонија ја има донесено врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија (“Сл.весник на РМ“ бр.59/00), а во врска со членот 5 и член 15 од Законот за статистика (“Сл.весник на РМ“ бр.54/97) – во понатамошниот текст Одлуката.
Понапред изнесените причини за немеродавноста на Одлуката, при утврдување на висината на штетата во предметниот вид спорови, дополнителна поткрепа наоѓаат и во констатацијата дека целата содржина на Одлуката е така структурирана, што детално ги уредува прашањата за: намената на методологијата со детализирање на поимите на елементарни и други непогоди; целите на процената; предмет на процената; единиците за кои се врши процената; организаторите на работите за процена на штетите; основните принципи за процена на штетите; видот и облигиците на шифрираните обрасци и табелите на кои се врши процената и нивното доставување до локалната самоуправа и Државниот завод за статистика; како и други технички прашања од значење за проценување на штетата и конечно и најважно, како една од задачите на Републичката комисијата е одредено “збирниот извештај за проценетите штети на територијата на Републиката го доставува до Владата на Република Македонија, заедно со предлози на мерки што треба да се превземат за отстранување или ублажување на последиците од штетите“. Оттука, следи да се заклучи, дека Одлуката уредува други прашања и служи за остварување на други цели и потреби на Владата на Република Македонија,а нема функција на доразработка на одредбата од членот 166 од Законот за облигационите односи, заради нејзина примена.
Конечно, во Одлуката, никаде не е определено дека истата ќе се применува и при утврдување на штетите во судските спорови за надомест на штета од членот 166 од Законот за облигационите односи, што е целосно исправно и е во согласност со уставниот принцип за владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска (член 8 став 1 алинеа 3 и 4 од Уставот на Република Македонија).
Принципот на поделбата на власта, посебно е Уставно нормиран во членот 68 став 1 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија во кој е одредено дека Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите, како, и во членот 91 став 1 алинеја 1 и 5,во кој е одредено дека Владата на Република Македонија – ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и одговара за нивното извршување; и
донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а Амандманот ХХV на Уставот на Републка Македонија,определува дека судската власт ја вршат судовите и дека судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Од сето понапред изнесено, следуваше да биде усвоено правното мислење.
Оддел за граѓански дела
на Врховниот суд на Република Македонија
Изработил:
Судија Владимир Бабунски
|
 |
|
|
24.12.2010
|
Преиначување на првостепена пресуда по службена должност
|
|
Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по барањето на Основен суд Скопје II Скопје, за правното прашање дали второстепениот суд може по службена должност да ја преиначи првостепената пресуда во однос на досудената камата, кога се работи за пресуда поради недоставување на одговор на тужба, на седницата одржана на ден 24.12.2010 година, го усвои следниот:
З А К Л У Ч О К
Второстепениот суд одлучувајќи по повод поднесената жалба, внимавајќи по службена должност на правилна примена на материјалното право според член 354 став 1 од ЗПП, може да ја преиначи првостепената пресуда во однос на досудената камата и во случаи кога се работи за пресуда поради недавање на одговор на тужба.
ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ ДЕЛА
НА ВРХОВНИОТ СУД
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|
 |
|
|
24.12.2010
|
Камата од неплатени придонеси за задолжително здравствено осигурување
|
|
Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по барањето на Основен суд Скопје II Скопје, за воедначување на судската пракса во постапувањето по предметите оформени по тужби поднесени од Фондот за здравствено осигурување на РМ, против правни лица од РМ, за долгови кои произлегуваат од неплатени придонеси за задолжително здравствено осигурување со камата, на седницата одржана на ден 24.12.2010 година, го усвои следниот:
З А К Л У Ч О К
На обврските – долговите во врска со плаќањето на камата, настанати до 1.09.2008 година ќе се примени Законот за здравствено осигурување (“Сл.весник на РМ“ бр.25/2000 со сите измени до бр.36/2007), односно камата 0,05% до 24.07.2008 година, а од 24.07.2008 година со камата од 0,03% согласно Законот за даночната постапка.
ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ ДЕЛА
НА ВРХОВНИОТ СУД
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|
 |
|
|
22.12.2010
|
Ревизија против правосилно решение за противизвршување
|
|
Општата седница на Врховниот суд на Република Македонија одржана на 22.12.2010 година, расправаше по рефератот за утврдување Начелно правно мислење по правното прашање за дозволеност на ревизијата против правосилно решение за противизвршување и едногласно го усвои следното:
НАЧЕЛНО ПРАВНО МИСЛЕЊЕ
Против правосилно решение донесено по предлог за противизвршување, не е дозволена ревизија.
ОПШТА СЕДНИЦА
НА ВРХОВНИОТ СУД
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|
 |
|
|
07.12.2010
|
Престанок на работен однос поради организирање на штрајк
|
|
Одделот за граѓански дела на Врховниот суд на Република Македонија, расправајќи по правното прашање за примена на член 239 став 3 во врска со член 72 од Законот за работните односи, на седницата одржана на ден 7.12.2010 година, го усвои следниот:
З А К Л У Ч О К
На работникот кој е именуван од синдикалната организација како член на Штрајкувачкиот одбор, не може да му престане работниот однос поради организирање на штрајкот.
ОДДЕЛ ЗА ГРАЃАНСКИ ДЕЛА
НА ВРХОВНИОТ СУД
НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
|
 |
|
|
|
|
|